Општина Валандово почна со изработка на план и студија за сообраќајно решение за градот, информираат општинските власти. Сообраќајното решение, кое, како што велат од oпштината, го изработуваат стручни лица од оваа област, има за цел да воспостави подобра организација на сообраќајот, паркирањето и движењето на сите учесници во сообраќајот.
Дел од сообраќајните решенија веќе се применуваат и на терен. На дел од улицата „Маршал Тито“ Општината од левата страна постави столпчиња по должина на тротоарите со што треба да се оневозможи досегашното паркирање на пешачкиот дел од улицата.
– Од десната страна на овој дел од улицата освен тротоарскиот дел обезбеден е и паркинг-простор наменет исклучиво за станарите на станбените згради, додека на јужната страна од станбениот простор Општина Валандово обезбеди нови 28 паркинг-места, велат од Општината.
Надлежните информираат дека во рамки на новото сообраќајно решение се разгледуваат и други можности, меѓу кои нови и поорганизирани паркинг-простори, воведување еднонасочен сообраќај на одредени улици, како и подобрување на условите за движење на возилата, пешаците и останатите учесници во сообраќајот.
МИА




