Македонската економија во второто тримесечје од годинава забележала реален раст од 4,3 проценти, а градежништвото пораснало за 21,9 проценти, истакна вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски во обраќањето на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница.

Тој порача дека економскиот раст треба сè повеќе да се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните.

„Растот мора да продолжи и резултатите повеќе да се чувствуваат – во повисоки плати во периодот што следи, во повеќе добро платени работни места, училишта, патишта, водоводи, канализации, здравствени установи и јавни услуги што функционираат“, рече Мицкоски.

Мицкоски во говорот посочи дека бруто-инвестициите продолжиле да растат и дека главните економски цели на Владата остануваат подобро платени работни места, инвестиции, инфраструктура, посилни домашни компании и поголем расположлив доход за семествата.

Тој рече и дека од доаѓањето на актуелната Влада околу половина милијарда евра биле насочени кон проекти во општините, а дел од средствата биле искористени и во Брвеница.

Мицкоски најави дека се прави план следната година да има нов повик за финансирање проекти во локалните самоуправи.

Во економскиот дел од говорот тој зборуваше и за цените на горивата, поврзувајќи го намалувањето на цената на дизелот со даночните мерки на Владата.

„Нашата главна работа останува подобра економија, повеќе добро платени работни места, инвестиции, инфраструктура, посилни домашни компании и повеќе пари на крајот од денот да останат во семејните буџети“, рече Мицкоски.