Шест лица се уапсени во Скопје и околината под сомнение за сторени кривични дела од областа на тероризмот, во голема акција на МВР и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на повеќе локации.

Акцијата се спроведува под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а од Обвинителството најавуваат дека официјалните детали ќе бидат соопштени по завршувањето на акцијата, објави Сител.

„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК на територија на Скопје во тек е акција на МВР и АНБ на повеќе локации. Приведени се повеќе лица поради сомнение за сторени кривични дела од областа на тероризмот. По завршување на акцијата, јавноста ќе биде информирана“, соопштија од Обвинителството.

Според неофицијалните информации што ги објави Сител, кај приведените биле пронајдени неколку снајперски пушки, повеќе пиштоли, како и знамиња со обележја на терористичката организација ИСИС.

Според истите информации, станува збор за лица за кои постојат сомневања дека биле поранешни припадници на терористичката организација или дека сè уште имаат контакти со неа.

При претресите, според неофицијалните информации, биле пронајдени и ригови за нелегално копање криптовалути.

Засега нема официјална потврда за овие детали од надлежните институции.

Не е познато ниту дали приведените се македонски или странски државјани, ниту какви активности, доколку такви биле планирани, им се ставаат на товар.

Денешната акција доаѓа по неколку случаи во кои македонските безбедносни служби и обвинителството постапувале против лица осомничени за поврзаност со терористички организации и ширење на идеологијата на ИСИС.

Во декември 2024 година, ОЈО ГОКК соопшти дека се приведени четири лица од Гостивар и Струга, осомничени за „Терористичка организација“. Според обвинителството, првоосомничениот, 21-годишен гостиварец, во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на „Телеграм“, преку кои ширел пропаганден материјал на ИСИС, регрутирал нови членови и поттикнувал извршување терористички напади во Европа. Обвинителството тогаш соопшти и дека групата имала намера да изврши терористички акт врз цивилни, таканаречени „меки цели“, и јавни објекти.

Во рамките на друга акција, во декември 2024 година, беа извршени претреси на пет локации во Скопје и Гостивар, при што биле пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони и компјутерска опрема. Четири лица беа лишени од слобода, а обвинителството соопшти дека преку „Телеграм“ биле споделувани преведени пропагандни материјали на ИСИС и биле регрутирани нови членови.

Во мај 2026 година, ОЈО ГОКК соопшти и дека пет лица биле под истрага за „Терористичка организација“. Според обвинителството, осомничените во периодот од 2025 до 2026 година преку интернет-канали ширеле содржини со кои се промовирала и поддржувала идеологијата на ИСИС и други идеолошки поврзани терористички организации, со цел пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористички дејствија и нивни извршители.

Новите приведувања се уште се во тек, а повеќе детали за претресите, осомничените и евентуално пронајдените предмети се очекуваат по завршувањето на акцијата.