Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ги демантираше наводите дека е подготвен да му понуди на Иран ублажување на санкциите и одмрзнување на замрзнатите средства во замена за конкретни отстапки во врска со нуклеарната програма.

Аксиос, повикувајќи се на американски официјални претставници, објави дека администрацијата на Трамп разгледува таква понуда, додека Трамп во објава на својата платформа Трут Соушл наведе дека тоа „не е точно“ и оти на Иран „не му понудил ништо“.

Наводите за можно економско олеснување се појавија во момент кога посредници од Катар и Пакистан се обидуваат да посредуваат во преговорите меѓу САД и Иран. Двете страни и понатаму имаат различни ставови за клучните прашања: Иран сака преговорите да се фокусираат на Ормуската Теснина и поморската блокада на САД, додека Вашингтон бара отстапки во врска со иранската нуклеарна програма.

Посредниците во Њујорк се сретнаа со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи за да разговараат за катарскиот предлог, а се очекуваат и разговори со претставници на администрацијата на Трамп.

Американски официјален претставник запознаен со индиректните преговори изјави дека тие се „позитивни и конструктивни“ и оти Иран покажал флексибилност во врска со нуклеарните прашања, но нагласи дека и понатаму постојат несогласувања, вклучително и околу временската рамка за исполнување на обврските и прашањето која страна прва треба да преземе одредени чекори.

Истиот претставник рекол дека САД нема да постигнат договор додека не се решат прашањата во врска со нуклеарната програма и дека Вашингтон бара уверувања дека Иран е сериозен во преговорите.

Трамп, сепак, во објавата на Трут Соушл ги отфрли наводите на Аксиос, нарекувајќи ги „измама“ и го повика порталот да го повлече текстот.