Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во вчерашното интервју во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“ порача дека во односите со европските партнери мора да се гледа рационално и без емоции посочувајќи дека условите со кои денес се соочува Македонија биле прифатени од претходната влада.
„Да бидеме реални, настрана чувствата и емоциите – ова е сепак сериозен свет и таму треба да се остават емоциите настрана и да видиме што вели разумот. Не можам да се согласам кога велиме „нелогични барања“ бидејќи некоја претходна македонска влада тие таканаречени нелогични барања ги прифатила, ставила потпис на договор. И истата таа што ги прифатила денеска излегува во јавноста и кажува лаги и конструкции обвинувајќи ја денешната Влада – не знам, вели, ќе сме го враќале името, презимето, ќе сме правеле не знам што, не знам како. А не гледа дека истата таа политичка партија не само што ја ограби Македонија, не само што ја понижи, туку целосно го забетонира овој процес, кој ние сега од петни жили се обидуваме некако да го откочиме. Верувајте, тоа не е едноставен процес. Затоа што од другата страна, условно кажано, имаме противник што е многу поголем, помоќен и е внатре. И има договор што македонската Влада го прифатила. И кога ги молевме додека бевме во опозиција, не нѐ послушаа“, вели Мицкоски.
„Ние мораме да се бориме. Она што е погрешено чекор по чекор да го враќаме. Задачата на оваа генерација е да направи чекор-два, со тоа што ќе поврати дел од она што претходната генерација го заборавила, односно го продала. По нас тие што ќе дојдат, треба да се борат за следните два чекори – ова е процес што ќе трае. Не треба ниту ние ниту граѓаните да ги обвинуваат луѓето од Брисел. Тие се трудат, сакаат, знаат дека ни е нанесена неправда, сочувствуваат со нас итн., но сè завршува со реченицата: „Вие си прифативте, некоја ваша влада ставила потпис на тоа“, нагласи Мицкоски.
Влада
Фото: Влада




