Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, реагираше на критиките од опозицијата и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за економските политики на Владата, при што порача дека опозицијата треба да се фокусира на сопствените внатрешни состојби.
Петрушевски оцени дека од СДСМ во јавноста најчесто се испраќа порака дека се „против“ различни владини политики, посочувајќи ги како примери индустриските и дата-центар инвестиции, рудниците и антимонот, како и новото задолжување.
Во однос на економските показатели, тој се повика на податоци за растот на БДП, правејќи споредба меѓу периодите на владеење на СДСМ и ДУИ и актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– Во првите осум квартали по доаѓањето на СДС и ДУИ на власт, просечниот реален раст на БДП изнесувал околу 2,6 проценти. Во првите осум квартали на актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, просечниот раст изнесува околу 3,55 проценти. И последниот официјален податок дополнително ја потврдува позитивната динамика во економијата, односно во вториот квартал од 2026 година реалниот раст на БДП достигна 4,3 проценти, изјави Петрушевски.
Тој порача дека, според него, економските показатели покажуваат позитивен тренд и дека опозицијата нема причина за загриженост во однос на економскиот развој.
На крајот, Петрушевски упати порака до Филипче да се фокусира на состојбите во сопствената партија, оценувајќи дека СДСМ се соочува со сериозни внатрешни проблеми.




