Не ги исцрпуваме средствата за дипломатија за решавање на војната во Украина, изјави денеска бугарскиот премиер, Румен Радев, во интервју за телевизијата „Еуроњуз“ во Брисел, како дел од форумот посветен на одбраната и вселената.
„Мора да ги слушнеме загриженостите на двете страни, додаде тој. Мора да продолжиме да ја поддржуваме Украина, но најважно е да се подготват условите за мир. Постои ограничување на снабдувањето со оружје, бидејќи последните чекори ќе бидат преземени преку дипломатија, а не преку снабдување со оружје“, истакна бугарскиот премиер.
Нашиот повик е за меѓусебно слушање и за отворени канали за комуникација. Проблемот е што никој не го поставува прашањето за нуклеарната закана. Дали постои? Можеби не, не знам. Секогаш мора да размислуваме дали сме подготвени за најопасното сценарио. Колку притисок можеме да извршиме врз Русија пред да одговори на поинаков начин, праша Радев.
Воопшто не сум застапник на рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Кога Путин се чувствува силен, тој не зборува за нуклеарно оружје, но кога Русија се чувствува слаба, луѓето повторно почнуваат да зборуваат за атомско оружје. Едноставно ве потсетувам дека мора да го имаме ова на ум. Не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека Русија има нуклеарна енергија во Европа и тоа е вклучено во пресметките. Никој не го зема ова предвид, истакна Радев.
Мојата политичка обврска да зборувам во рамките на политички прифатеното не секогаш се совпаѓа со моето воено искуство и моето образование за стратешка проценка. На пример, војната во Украина создаде предизвик не само за нашата безбедносна архитектура и нашата производствена база, туку и за нашето единство и способности, а најмногу за нашето критичко размислување и реалистичен пристап. Нашата способност реално да ја процениме војната во длабочина беше засегната. Најзасегната беше нашата способност да дефинираме остварливи политички цели и да ги имплементираме во воена стратегија, нашата способност да дефинираме што е победа и како да го исцртаме патот до неа со цел да се постигне мир, рече бугарскиот премиер.
Многу е тажно што ако некое лице отстапи од вообичаениот политички дискурс, веднаш е етикетирано како „проруско“. Реалноста не е таква. Не ме интересира поддршката на Русија, туку реалистичен пристап и конечно наоѓање на патот кон мирот. Ова е војна на исцрпување и е растечка опасност, исцрпувајќи ја нашата економија и општествени системи. Конечно мора да се постигне рамнотежа помеѓу воените, економските и дипломатските средства. Досега не гледам добра рамнотежа, рече Радев.
Во срцето на сегашниот пристап е да се принуди Русија да се вклучи во преговори со помош на сила. Ова е постигнување мир преку сила. Го гледаме резултатот – стотици илјади жртви повеќе, уништена земја. Се плашам од најновата руска стратегија, фронтот е замрзнат, Украина доживува недостиг од борци. Минатата година Украина преживеа со развивање технологија за надминување на недостигот од луѓе. Ова е огромен успех и го запре руското напредување на фронтот. Русија има супериорност во оружјето со долг дострел, истакна Радев во интервјуто за „Евроњуз“.
Фото: архива




