Европската комисија денеска предложи мерки за воспоставување нов Европски систем за критични комуникации (EUCCS), со кој спасувачките екипи во ЕУ ќе можат да одржуваат постојана и заштитена комуникација во услови на криза, а при прекин на мобилната мрежа и преку сателити.

Новиот систем на ЕУ ќе им овозможи на тимовите за брза реакција да комуницираат меѓусебно, без оглед на службата или државата, како и да споделуваат фотографии, видео и аудиоснимки. Се предвидува сите земји од ЕУ постепено да преминат од теснопојасни радиосистеми кон широкопојасни технологии, како што е 5Г, додека европските сателити ќе обезбедуваат дополнителни можности кога копнените системи ќе бидат надвор од функција.

Пожарите, поплавите, бурите, заканите со дронови против клучна инфраструктура или терористичките напади бараат добро координирано дејствување на полицијата, пожарникарите, здравствените служби и екипите на цивилната заштита, наведува ЕК.

Досега можностите за комуникација меѓу овие служби беа ограничени – системите не се поврзани и престануваат да функционираат при преминување на границите во ЕУ. Поради тоа, службите за итни случаи често не можат да комуницираат меѓусебно додека работат на спасување луѓе и воспоставување на безбедноста и јавниот ред, се додава во соопштението.

Се предвидува идниот систем да биде заштитен од сајбернапади и хибридни закани со користење криптирање и сигурен протокол. Предлогот има за цел и намалување на зависноста од странски технологии, при што главните елементи, вклучително и сателитите, основната мобилна мрежа и технологијата што ќе се користи за мобилен широкопојасен пристап, ќе бидат развиени од европски компании.

Новиот систем ќе се воведува постепено, со преоден период за земјите од ЕУ по 2030 година, наведува ЕК. Предлогот треба да биде разгледан од Советот на ЕУ и од Европскиот парламент. Европската комисија планира системот да биде воспоставен до 2030 година, врз основа на стандардите за критични комуникациски услуги 3GPP MCX.