Во присуство на грчкиот и бугарскиот премиер Кирјакос Мицотакис и Румен Радев, во Музејот на византиската култура во Солун, министрите за култура на двете земји Лина Мендони и Евтим Милошев, ги потпишаа протоколите за размена на реликвии, со што Грција од Бугарија ќе добие 48 реликвии од два грчки манастири и една црква, а на Софија ќе ѝ ги предаде останките на цар Самуил, јави дописничката на МИА од Атина.
Пред потпишувањето на протоколите Мицотакис и Радев им се обратија на присутните, говорејќи и за важноста на постигнатиот културен договор меѓу двете земји, но и за меѓусебната соработка и билатералните односи, додека пак грчкиот премиер, голем дел од говорот посвети на барањето на Атина за враќање на Мермерите од Партенон од Британскиот музеј.
Посочи дека „историските споменици и културните реликвии не можат да се третираат како воени трофеи, ниту како жртви на околности што настанале по нивното создавање“, а Грција се води по „принципот на интегритет на споменикот“, порачувајќи дека Партенонот претставува единствен и самостоен случај, „кој, за жал, останува насилно разделен“ и не може да биде „заробен во рамките на правни, технички прашања“.
– Повторно ќе нагласам дека мојата татковина нема да прифати решенија што би подразбирале признавање на туѓ суверенитет или наводно да ѝ бидат позајмени сопствените богатства. Напротив, смета дека сега дојде времето на вистината, на логиката и на правдата, но и на етиката, рече грчкиот премиер.
Во однос на денешниот протокол со Бугарија, истакна дека во Грција се враќаат 48 предмети „од непроценлива културна, духовна, но и сентиментална вредност“, реликвии што беа одземени во 1917 година за време на Првата светска војна.
– Ги поставуваме основите на нешто подлабоко од една едноставна културна размена, бидејќи враќањето на важните реликвии од колективното сеќавање на Грција и Бугарија, ги претвора тешките моменти од минатото во мост на заедничка иднина. Но, паралелно ја покажува и силата што ја добиваат два соседни народи кога со смелост го одбираат патот на заемно почитување и доверба, рече Мицотакис.
Додаде дека на овој начин се финализираат преговорите што почнаа пред околу половина век, посочи дека ова е првата фаза од отворениот канал на билатералната соработка и изрази надеж дека „ќе биде уште потесна соработка меѓу двете земји за да се вратат и други предмети во Грција и Бугарија“.
Се осврна и на односите меѓу двете земји низ годините, рече дека историјата не треба ниту да се разубави ниту да се избрише, но „мораме да учиме од нејзините темни страници“ и акцентот да биде на работи што ги обединуваат, на „заедничкиот културен и верски корен, меѓусебното признавање на идентитетот на другиот, но пред сè заедничката иднина во Европа“.
Со сличен став беше и бугарскиот премиер кој истакна дека по години на конфронтации, Грција и Бугарија сега имаат високо ниво на добрососедски односи и билатерална соработка и рече дека обидите на Софија да ги врати останките на цар Самуил датираат од 60-тите години кога професорот Муцопулос ги откри во базиликата „Свети Ахилиј“.
– Во овие шест децении напорите на бугарската држава никогаш не запреа за останките да се вратат во Бугарија и драго ми е што денес ние го исполнуваме моралното наследство на професорот Муцопулос за останките да им се вратат на Бугарите, нешто за што сме благодарни, рече Радев.
Му се заблагодари на Мицотакис за постигнувањето, на како што рече, овој „историскиот договор за двете земји“, посочи дека историските реликвии се работи што им припаѓаат на двата народи и додаде дека овие шест децении политичарите, дипломатите, научниците работеа напорно за да стигнат до денешниот ден.
– Ако во минатото цар Самуил нè разделуваше сега нè обединува. Ја прави нашата стратешка соработка уште посилна, а историските односи меѓу нашите држави и народи, уште посилни. Нашето заедничко учество во Европската Унија ѝ дава можност на секоја од нашите земји да ги чувствува подобро чувствата и проблемите на другата земја и би можел да кажам дека по векови конфронтација, соседи сме, делиме тешка историја со подеми и падови, победи и порази, но денес го означуваме почетокот на следната фаза и продлабочување на контактите, рече Радев.
На денешното потпишување на протоколите, му претходеше Меморандум за разбирање министрите за култура на двете земји потпишан во вторникот, со кој беше договорено во Грција да се вратат 48 реликвии од два грчки манастири и една црква што над 100 години биле изложени во Националниот историски музеј во Софија, а Грција да ѝ ги предаде на Бугарија останките на цар Самуил.
Според Министерството за култура на Грција, реликвиите што од Бугарија ќе се вратат во земјата првично ќе бидат изложени во Музејот на византиската култура во Солун до 5 ноември 2026 годинава, а потоа ќе им бидат предадени на двата манастири и црквата од каде што биле одземени.
Фото: Кабинет на грчкиот премиер




