Поради невремето што од средата вечер го зафати северниот дел на грчкиот остров Крит и се прошири кон јужниот дел, во областа Иерапетра противпожарната служба интервенирала за помош на 20 лица, а кај градот Ретимно евакуирала уште две лица и сите биле пренесени на безбедни локации, додека пак според податоците на метеоролошката служба „Метео“ на Националната опсерваторија во Атина, во изминатите два дена биле регистрирани огромни количества дожд, јави дописничката на МИА од Атина.
Според противпожарната служба на Грција, во Иерапетра во јужниот дел на Крит, продолжуваат интензивните врнежи и поради наноси и зголемувањето на нивото на водата на коловозот, во прекин е сообраќајот на регионалниот пат кон Ситија, додека пак 20 лица, кои со нивните возила останале заглавени, биле безбедно евакуирани.
Во изминатите речиси 24 часа, односно од вчера околу 7.30 часот заклучно со 6 часот утрово, оперативниот центар на Противпожарната служба примил 31 повик за испумпување вода и евакуации.
Поради силниот дожд во општина Милопотамос кај градот Ретимно во јужниот дел на Крит, постојат проблеми на патната инфраструктура и затоа од бројот 112 за итни случаи претпладнево беше испратена порака до жителите на регионот да ги ограничат движењата во поширокото подрачје, како и превентивно да се упатат кон повисоките места.
Порака од 112 поради невремето на Крит беше испратена и вчера попладне со предупредување за интензивни временски појави до сабота попладне и беше побарано од граѓаните да ги ограничат движењата.
Голем број пожарникари низ целиот регион и понатаму се на терен, а во зголемена готовност се и сите надлежни служби и институции.
Мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина и Метео во изминатите два дена регистрирала големи количества дожд во планинските и северните делови на островот, а најмногу дожд имало во Ксилоскало, во областа Ханија, со 318 милиметри, односно 318 литри дожд на еден квадратен метар.
Во невремето на Крит во средата животот го загуби 80-годишен сточар, додека пак две лица беа полесно повредени откако поради лизгање на земјиштето предизвикано од обилните врнежи, мал мост целосно попуштил во моментот кога минувале со автомобилот.
Островот Крит, со одлука на Генералниот секретаријат за цивилна заштита од средата вечер до утре е ставен во состојба на мобилизација „Црвен код“ („Red Code“), поради најавите за невреме и високата опасност од поплави.




