По повод 31-годишнината од атентатот врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, денеска во Скопје беше промовирана книгата „Скопскиот атентат“ од Зоран Доревски, доктор на науки од областа на безбедноста и поранешен главен инспектор во Управата за обезбедување одредени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи во времето на атентатот.

Книгата, како што беше посочено на промоцијата, претставува повеќегодишна анализа на атентатот врз Глигоров, со фокус на безбедносните проценки и мерки пред настанот, организацијата и извршувањето на атентатот, како и на периодот по него и текот на истрагите.

Доревски во своето излагање посочи дека книгата е резултат на истражување кое го носи во себе повеќе од три децении. Тој истакна дека истражувањето се обидува да даде одговор на прашањата што точно се случило на 3 октомври 1995 година, дали безбедносните проценки биле соодветни и зошто истрагата не резултирала со разрешница. Авторот оцени дека атентатот бил инициран во момент на стратешко геополитичко преориентирање на државата.

– Книгата што сакам да ви ја претставам претставува еден таков пример, еден таков пример на долгорочно истражување во кое ја зафаќам онаа прашање коешто во мене го носам 30-тина години, а тоа е: што точно и навистина се случи на 3-ти октомври 1995-та година, дали проценката и анализата, безбедносната прогноза и безбедносната загрозеност биле правилно проценети, дали превенцијата функционирала соодветно, дали системот на безбедност и заштита бил правилно димензиониран и адекватно се применувал и дали можело да биде поинаку – рече Доревски.

Осврнувајќи се на меѓународната помош што била обезбедена по атентатот, Доревски потсети дека во првите часови во Скопје пристигнала германска форензичка екипа, додека германската Сојузна разузнавачка служба, како што наведе, отстапила безбедносни и разузнавачки податоци.

Посочи и дека Владата на Сојузна Република Германија реагирала со три вида помош – испраќање осумчлена форензичка екипа на германската сојузна криминалистичка полиција (БКА) за анализа на микротрагите, отстапување безбедносни и разузнавачки податоци од Сојузната служба за разузнавање (БНД), како и стручна специјализација во полицискиот центар „Карл Северинг“ во Гисен, каде што и самиот бил упатен шест месеци по настанот.

Доревски рече дека во Гисен се изучувале и анализирале атентати извршени во повоениот период, правејќи споредба со истрагата за атентатот врз шведскиот премиер Улоф Палме, предавање што го слушал за време на специјализацијата во Германија од германски полковник.

– Тоа за мене беше невидено, крајно, професионална и високо академска институција каде во многу сериозна атмосфера се изчучуваа, се анализираа и се расветлуваа атентатите кои биле извршени во времето на пост-воениот период …  Тогаш си го поставив прашањето и мислам: ако овој атентат, каде што местото било блокирано 3 часа по настанот, а соодветните мерки за безбедност се применети дури 5 до 8 часа е оценет како најслаб во Европа, како ли ќе биде оценет нашиот, истрагата за нашиот атентат, каде што ниту местото било блокирано, ниту патот, ниту воздушниот, ниту железничкиот сообраќај биле затворени – нагласи Доревски.

Говорејќи за својата анализа, Доревски посочи дека атентатот го разработува низ четири фази – одлука за ликвидација, организација и логистичка подготовка, извршување и постатентаторски период.

Особено внимание, според него, е посветено на периодот по атентатот и на она што го нарече феномен на „замолчување на сведоци“.

– Во нашиот атентат најдов осум лица кои загинуваат во првите две години по атентатот. Најголемиот дел од нив во 1998 година, кога доаѓа до обновување на втората истрага од страна на јавниот обвинител Ставре Џиков и новата власт. Се обидов да објаснам зошто овие лица се замолчени, кои биле нивните сознанија, како можеле да придонесат за расветлување на случајот и зошто го преживеале атентатот, но не и постатентаторскиот период – истакна Доревски.

Атентатот, тој оцени дека се случил во период кога Македонија правела чекори кон меѓународно позиционирање и евроатлантска интеграција.

– Атентатот се случува во момент кога Македонија дефинитивно ја напушта орбитата на Белград и тргнува по свој правец, а тој правец се евроинтеграциите. Тогаш почнува да станува проблематичен моментот кога некој носи одлука да се изврши атентатот – појасни авторот.

Доревски нагласи дека во анализата се обидува да ги утврди инспираторите, мотивите и целите на атентатот, како и моментот кога била донесена одлуката за негово извршување. Притоа, посочи дека за вакви случаи не постојат директни писмени наредби и дека заклучоците се темелат на анализа на индиции, настани и последици.

На промоцијата беше прочитан и дел од анализата на Доревски во кој се наведуваат конкретни сознанија за можната организација и извршување на атентатот, вклучително и за лица, локации и движењето на возилото на претседателот. Овие наоди се претставени како дел од авторската анализа во книгата.

Поранешниот државен јавен обвинител Ставре Џиков, кој ја обнови истрагата за атентатот во 1998 година, во своето писмено обраќање оцени дека книгата претставува сериозен истражувачки придонес.

– Интересно е што централна тема на најголемиот дел од нашите средби и разговори беше токму случајот од 1995-та година. Низ годините детално ги анализиравме причините за неуспехот на првичната, но и на обновената истрага – вели Џиков.

Во неговото обраќање тој посочи дека на Доревски му ги ставил на располагање своите сознанија и расположливи податоци поврзани со случајот.

– Верувам дека ова дело ќе остане како сериозен истражувачки придонес за еден уште посериозен настан во поновата македонска историја. Авторот книгата, по вистина, ја замислил и ја реализирал како една сложена сложувалка во која настаните, како и деталите, ги редел педантно и сеопфатно – рече Џиков.

Тој му честиташе на Доревски за објавувањето на книгата и изрази надеж дека таа ќе добие и дополнето издание.

Рецензентот м-р Бранислав Јанковиќ во оценката за книгата наведува дека Доревски, преку детална анализа на настанот, ги опфаќа геополитиката, тајните служби и форензичките детали, комбинирајќи ги со детективски наратив.

Академик проф. д-р Неџад Корајлиќ, пак, посочува дека вредноста на делото е во интердисциплинарниот пристап, преку кој атентатот се разгледува како сложен политичко-безбедносен феномен во кој се испреплетуваат криминалистички, геополитички, разузнавачки и општествени фактори.

Атентатот од 1995 година

На 3 октомври 1995 година беше извршен атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров. Тој беше тешко повреден, додека неговиот возач Александар Спировски загина на местото на настанот. Повреден беше и телохранителот Илчо Теовски, а како последица на повредите подоцна почина и случајниот минувач Христо Хаџиманов. Во експлозијата беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Атентатот беше извршен со автомобил-бомба на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, на 3 октомври 1995 година, кога службеното возило на Глигоров се движеше од неговата резиденција кон Собранието. Во автомобил „Цитроен Ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач.

Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран, но не е утврдено кој стоел зад него. Истражната постапка против непознат сторител сè уште е отворена.

МИА