Данскиот централен регистар на лица и нивните адреси бил хакиран, при што неовластени субјекти добиле пристап до податоците на околу 8,8 милиони регистрирани лица, соопшти денеска данското Министерство за дигитализација.

„Националната управа за регистрација (CPR) утврди дека неовластени лица незаконски добиле пристап до имињата, адресите и CPR-броевите (еквивалент на бројот на социјалното осигурување) на околу 8,8 милиони регистрирани лица – живи, починати, лица кои емигрирале итн.“, се наведува во соопштението.

Истрагата е во тек, а сторителите засега не се откриени.

Како што уште се појаснува во соопштението на Министерството, до податоците било дојдено преку легитимен пристап што го имала една данска компанија, чиј пристап во меѓувреме е блокиран.

Управата за регистрација во петокот била известена за „аномалија“ во системот што која се појавила „во текот на септември“.

„Ова е исклучително сериозен инцидент“, изјави министерката за дигитализација, Кристина Егелунд.