Охрабрува фактот дека ние сме единствената земја во регионот во која нивелирањето, односно усогласувањето на процената за раст, е во позитивна насока – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го извештајот за раст и работни места, што Светската банка го подготви за Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба нова детска градинка во општина Шуто Оризари, тој појасни дека годината ја почнавме со 2,6 отсто раст на бруто-домашниот производ, па потоа се нивелира на 2,9 и вчера да излезе на 3,2 проценти.

– Иако јас сум убеден дека оваа година растот на бруто-домашниот производ ќе биде меѓу 3,5 и 4 проценти бидејќи во првото полугодие досега е 3,7 проценти, потоа 3,1 во првиот квартал и 4,3 во вториот квартал, очекувам да бидеме земја кшто ќе има, ако не најниска, меѓу најниските две-три инфлации во регионот и Европа, и ако не највисок, тогаш меѓу првите пет највисоки порасти на бруто-домашниот производ во регионот и во Европа – изјави Мицкоски.

Во однос на инфлацијата и кои се очекувањата од денешниот извештај на Државниот завод за статистика, премиерот истакна дека е важно да продолжи трендот да бидеме меѓу најниските во регионот кога станува збор за нивото на годишната стапка на инфлација.

– Денеска очекуваме да излезе Државниот завод за статистика со процена на трошоците за живот за септември. Во третиот квартал бројките се дека состојбата е под контрола. Во јули стапката беше 2,3 проценти, а просекот во Европската Унија и во еврозоната беше 2,9 проценти. Во регионот сме втори, убедливо, кога ќе ги анализираме стапките на инфлација од Словенија до Турција. Во август беше 2,6 проценти кога во Европа и во еврозоната просекот беше 3,2 проценти. Сега Европската Унија објави процена дека во септември е 3,8 во еврозоната – рече Мицкоски.

Според процените и анализите на Државниот пазарен инспекторат, посочи дека за храната и за безалкохолните пијалаци очекувањата се годишната стапка на инфлација да биде меѓу 1,5 и 2 проценти, што ќе претставува најниска во регионот и една од најниските во Европа.