Јустина Широка-Пуља денеска положи заклетва пред пратениците во Собранието на Косово, со што официјално стапи на должност како претседателка на Република Косово.
Нејзиното полагање заклетва уследи веднаш по завршувањето на гласањето во парламентот и објавувањето на резултатите од нејзиниот избор.
Пред косовските пратеници, Широка-Пуља се обврза дека ќе ги извршува своите должности во согласност со Уставот и законите на Република Косово, зачувувајќи ги независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
– Се колнам дека сите свои сили ќе ги посветам на зачувувањето на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово, обезбедувањето на човековите и граѓанските слободи и права, почитувањето и заштитата на Уставот и законите и зачувувањето на мирот и благосостојбата на сите граѓани на Република Косово. Совесно и одговорно ќе ги извршувам сите свои должности. Се колнам – порача Широка-Пуља во својата заклетва.
Широка-Пуља беше избрана за претседателка по истекот на рокот што го утврди Уставниот суд на Косово – 6 октомври. Таа е економистка, универзитетска професорка и поранешна министерка за енергетика и рударство на Косово, а во декември 2025 година беше избрана за претседателка на Косовската академија на науките и уметностите (КАНУ), станувајќи првата жена на чело на оваа институција.
Собранието на Косово ја избра Јустина Широка Пуља, претседателка на Академијата на науките и уметностите на Косово, за претседателка на Косово, што е претежно церемонијална функција, непосредно пред истекот на уставниот рок, со што се избегнуваат нови предвремени избори. Нејзин противник беше универзитетската професорка Елиза Хоџа.
„Овој мандат не припаѓа само на една личност. Тој им припаѓа на нашите граѓани. Јас ќе бидам претседателка на сите граѓани“, рече Широка Пуља по гласањето.
Во парламентот со 120 места, 81 пратеник гласаа за неа, еден повеќе од потребниот број.
Широка Пуља беше предложена од премиерот Албин Курти за претседател на Косово, неколку часа пред истекот на рокот за избор на претседател на 6 октомври. Претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, изјави дека нејзиното име е прифатливо за функцијата.
Новата претседателка на Косово, Јустина Широка-Пуља, е родена во Приштина во 1953 година. Таа беше министерка за енергетика и рударство на Косово од 2008 до 2011 година. Беше и пратеничка во Собранието на Косово (2011-2014). Докторирала по економија, а подоцна станала членка на Академијата на науките и уметностите на Косово. На 19 декември 2025 година, таа беше избрана за претседател на Академијата на науките и уметностите на Косово, како прва жена што ја извршуваше таа функција.




