Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со заменик-министерката за прашања на Европската Унија на Кралството Холандија, Хелен Бакер. Во фокусот на разговорите беа процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, спроведувањето на реформите и можностите за продлабочување на билатералната соработка.
Сали изрази благодарност за континуираната поддршка од Холандија за европската перспектива на земјата и за придонесот во зајакнувањето на владеењето на правото, демократските институции и административните капацитети. Тој ја нагласи важноста на соработката преку холандската програма за општествена трансформација МАТРА, особено во областа на владеењето на правото, како и на размената на експертиза меѓу институциите.
Министерот истакна дека пристапниот процес треба да биде праведен, предвидлив и заснован на заслуги, со јасни критериуми што ги вреднуваат реформите и конкретните резултати.
На средбата, Сали го претстави напредокот во спроведувањето на Реформската агенда и приоритетите од Планот за раст за Западен Балкан. Тој нагласи дека постепената интеграција треба да донесе видливи придобивки за граѓаните и стопанството и да поттикне забрзување на реформите кон полноправно членство.
Беа разгледани и можностите за натамошна соработка во зајакнувањето на институциите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти.
САЛИ – БАКЕР: Процесот за пристапување во ЕУ и соработката со Холандија во фокус на средбата




