Ми претставува чест да учествувам во денешната дискусија за геополитичкиот контекст и стратешкото значење на Коридорот VIII, проект што одамна ги надмина рамките на традиционалната транспортна инфраструктура и денес има суштинско европско, економско и безбедносно значење. Би сакал да им се заблагодарам на нашите бугарски домаќини што повторно нè собраа, само неколку месеци по нашата средба во Тирана, за да продолжиме со разговорот што станува сè поважен за стратешката отпорност на Европа, посочи министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

-Дозволете ми да повторам една порака што ја истакнав во Албанија: Коридорот VIII е многу повеќе од линија на карта. Тој е стратешка визија што ги поврзува Јадранското со Црното Море, Европската Унија со Западен Балкан, како и нашите економии, општества и безбедносни интереси. Во време на геополитичка фрагментација, нарушени синџири на снабдување и обновена конкуренција за критичната инфраструктура, ваквите коридори претставуваат инструменти за отпорност, стабилност и заеднички просперитет. За нашата држава, Коридорот VIII е национален стратешки приоритет. Тој ја одразува нашата решеност географската положба да ја претвориме од ограничување во предност и да ја зајакнеме поврзаноста на регионот во правец исток–запад. Подеднакво јасно е и неговото значење за евроатлантската интеграција. Коридорот VIII е дел од Трансевропската транспортна мрежа на ЕУ и од пошироките напори за интегрирање на Западен Балкан во европската економска и инфраструктурна архитектура. За нашата држава, како сојузник во НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ, тој има и јасна безбедносна димензија, вклучително и во однос на воената мобилност и отпорноста на инфраструктурата, рече тој.

Министерот во овој контекст, ја поздрави одлуката на бугарските домаќини да ја поканат Украина на денешниот собир.

-Нејзиното учество го потврдува поширокото стратешко значење на поврзаноста исток–запад и нè потсетува дека инфраструктурата што ја градиме денес мора да одговори на потребите на утрешна Европа. Нашата држава покажа јасна и континуирана посветеност на претворањето на Коридорот VIII од стратешка амбиција во изградена инфраструктура. Напредуваме со реализацијата на клучните патни и железнички делници и тесно соработуваме со нашите соседи за да обезбедиме поврзаност и интероперабилност по целата траса. По стапувањето во сила во март на Спогодбата меѓу нашата држава и Бугарија за подготовка, изградба и функционирање на прекуграничниот железнички тунел, Заедничката комисија задолжена за нејзино спроведување веќе одржа две средби, првата во Софија, а втората во Скопје, пред само десет дена. Ова е значаен напредок. Но спогодбите и декларациите ја добиваат својата целосна вредност само кога по нив следува реализација. Еден коридор, по дефиниција, не може да напредува само на одделни делници. Напредокот на источната страна мора да биде проследен со соодветен напредок и кон Јадранското Море. Доколку реализацијата се одвива со различна динамика долж трасата, се намалува стратешката вредност на целиот коридор, рече Муцунски.

Затоа, порача тој,  сите земји учеснички, вклучително и Албанија, сега треба сè повеќе да се насочат кон мерлива реализација, конкретни рокови и видлив напредок на терен.

-Нашите граѓани и нашите европски партнери, на крајот, ќе го оценуваат Коридорот VIII според инфраструктурата што навистина ќе ја изградиме, а не според бројот на средби што ќе ги одржиме. Нашата држава има намера да го исполни својот дел од обврските. Прекуграничната соработка е во основата на овој потфат. Коридорот VIII може да стане платформа не само за транспорт, туку и за енергетика, дигитално поврзување, трговија, инвестиции, логистика и безбедност. Сепак, ниту еден коридор не може да биде успешен изолирано. Потребни се координација, доверба и заедничка одговорност. Затоа, остануваме активно ангажирани со Бугарија, Албанија и нашите европски партнери во надминувањето на тесните грла, обезбедувањето финансиски средства и забрзувањето на реализацијата. Добрососедските односи не се алтернатива на европската интеграција. Тие се еден од нејзините суштински темели, а Коридорот VIII ни дава можност тој принцип да го преточиме во конкретни резултати. Нашата држава е подготвена тесно да соработува со сите партнери за Коридорот VIII да стане водечки пример за тоа како поврзаноста може да ги зајакне безбедноста, просперитетот и европската интеграција. Во тој дух, би сакал да ја потврдам и подготвеноста на нашата држава да биде домаќин на следната министерска средба за Коридорот VIII. Коридорот VIII не се однесува само на побрз или поефикасен превоз на стоки. Станува збор за обликување на стратешката иднина на нашиот регион, поврзување на Јадранското и Црното Море, зајакнување на нашата европска и трансатлантска отпорност и обезбедување конкретни придобивки за нашите граѓани. Нашата амбиција е јасна. Сега е клучно реализацијата по целата траса да ја достигне таа амбиција, рече Муцунски.