Европската Унија би можела да се соочи со недостиг од природен гас од дури 14 милијарди кубни метри оваа зима, што е еквивалентно на околу седум проценти од побарувачката на блокот и доволно енергија за снабдување на помеѓу 10 и 12 милиони домаќинства, предупредуваат во извештаи Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) и Европската мрежа на оператори на преносни системи за гас (ENTSO-G).
Недостигот на гас би можел да доведе до понатамошно зголемување на сметките за енергија и мерки за намалување на потрошувачката, освен ако ЕУ не обезбеди дополнителни количини на глобалниот пазар, кој веќе е под притисок поради војната во Иран и прекините во снабдувањето со енергија, објави „Политико“.
Резервите на гас во ЕУ паднаа на нешто над 70 проценти од капацитетот, што е најниско ниво за овој период од годината откако започнаа евиденциите во 2011 година.
Високите цени ги охрабрија трговците да продаваат гас во текот на летото, наместо да го складираат за зимска потрошувачка, се вели во извештајот на IEEFA.
Европа се соочува со ограничени опции за обезбедување дополнителни количини, со цени на гасот на највисоко ниво за речиси четири години и снабдување ограничено од војната на Блискиот Исток.
Недостатокот не мора да значи дека ЕУ ќе остане без гас, но количината на складирана енергија може да биде седум милијарди кубни метри помалку од потребната.
Тоа би ги принудило земјите да купуваат гас по високи цени на нестабилниот глобален пазар или да ја ограничат потрошувачката ако дополнителни залихи не се достапни. За да се вратат залихите на 30 проценти до крајот на зимата и да се намали изложеноста на идните студени бранови, европските земји ќе мора да ја намалат потрошувачката или да ја ограничат достапноста на количини еквивалентни на седум проценти од побарувачката, се вели во извештајот.




