Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во изјава за ТВ24 ја критикуваше СДСМ за нападите врз Левица, наместо за политиките на власта, посочувајќи дека двете партии со децении ја одржуваат истата економска поставеност во интерес на олигархијата, се вели во соопштението од ПП Левица што МИА го пренесува интегрално.
„СДСМ е во континуитет веќе некој период се занимава со Левица повеќе отколку што се занимава со власта на ВМРО. ВМРО и СДСМ и целата таа нивна песна на партиите на бизнисот и партиите кои ја создадоа олигархијата во Македонија треба просто да престане. Триесет и пет години истата плоча ВМРО и СДСМ ја вртат за да го задржат балансот. Апсурдот е во тоа што законот на СДСМ предвидуваше парите за зголемувањето да одат од државата, а профитот да остане кај газдите“, истакна Мециновиќ.
Тој нагласи дека граѓаните треба да знаат за кои газди СДСМ бара јавни пари: за оние кои неодамна бараа намалување на неработните денови и празниците, обвинувајќи ги работниците дека ги злоупотребуваат слободните денови и дека не се доволно религиозни да ги прославуваат празниците.
„Од една страна има газди кои бараат намалување на неработните денови за тие да профитираат, а од друга страна има влада која сега го тера работникот да докаже дека е доволно болен, ќе му праќа контролори дома“, рече Мециновиќ.
Левица, како што посочи, продолжува со законски иницијативи за заштита на работничките права и подобрување на квалитетот на животот, меѓу кои и предлог-законот за зачувување на правото на боледување.
„Затоа Левица е фокусирана на законска борба против оваа ненормална власт. Ние предложивме закон за зачувување на боледувањето и во процедура имаме други закони за квалитетот на животот. Немаме намера да се занимаваме со бизнис-партијата СДСМ“, порача Мециновиќ.
ПП Левица
Фото: Принтскрин




