Водостојот на Дојранското Езеро повторно опаѓа по сушното лето и почетокот на есента, која не ги донесе посакуваните врнежи.
Според последните извештаи на Управата за хидрометеоролошки работи, Езерото изгубило педесетте сантиметри кои ги поврати минатата година, во периодот од октомври до февруари. За разлика од февруари оваа година кога измерениот водостој изнесуваше 145,42 метри над морето (м.н.м.), во последниот извештај на УХМР нивото на езерото е паднато на 144,93 м.н.м.
Според Васко Стојов, раководител на секторот за хидрологија во УХМР, причина за ваквата состојба е испарувањето на водата кое е најголемо при високи температури, како и при силен ветер.
-Сеуште има големо испарување на езерската вода и затоа очекувано е нивото на Езерото да опаѓа уште некое време. И покрај тоа што тече вода во каналот од хидросистемот за спас на Дојранското Езеро, немаме информација колку вода тече. Можно е со таа количина сега да се пополнуваат само подземните води на езерото, затоа и не може да се види разлика во нивото. Кога езерото ќе ги наполни подземните извори ќе може да дојде до период на стагнација, односно да нема понатамошно негово повлекување, смета Стојов.
Управата во своите извештаи редовно го споредува нивото на Езерото и со минималната договорена кота со соседна Грција, која изнесува 146,13 м.н.м.
– Лани имавме доста добри врнежи во октомври, ноември и декември кои секако ја подобрија хидролошката состојба на сите води. Овие врнежи помогнаа за издашноста на подземните и површинските води. Затоа би било добро на повеќето водотеци да имаме брани кои ќе ги задржуваат водите од врнежите, вели Стојов.
Тој објаснува дека за почеток на новата хидролошка година се смета 1. октомври, а во прилог на тоа е и прогнозата на синоптичарите кои велат дека кон крајот на оваа недела се очекуваат врнежи.
Во насока на подобрување на состојбата со Дојранското Езеро е и последниот повик за поднесување предлог за проект под наслов „Оптимално управување со Дојранското Езеро“, со цел зајакнување на прекуграничната соработка и заштита на животната средина на Езерото, кој во август беше претставен во соседна Грција.
Според информациите од в.д. директорот на Центарот за југоисточен плански регион, Јован Коцев, рокот за аплицирање бил до 21 септември, до кога и оваа институција заедно со Министерството за животна средина аплицирале за учество.
Како што извести МИА во август, повикот е во рамките на Програмата за соработка Interreg VI-A IPA за 2021 – 2027 меѓу двете соседни држави, а вкупниот буџет на повикот изнесува 3.071.591 евра. Како најавени предвидени активности во рамки на повикот, за кои тогаш соопштија од грчкото Министерството за национална економија и финансии се поддршка на планови за еколошко и хидролошко управување со регионот; активности за информирање и подигање на свест кај населението на брегот на езерото; изработка и спроведување на целосни еколошки стратегии за Дојранското Езеро; создавање и развој на заеднички структури и процедури за управување, како и инсталирање фотоволтаичен систем во Македонија со цел намалување на енергетските трошоци за работа на механизмот за дополнување на водите на езерото.
МИА




