Македонскиот боксер Арабел Рустемовски не успеа да се пласира во финалето на Европското првенство до 17 години кое се одржува во Будва, откако денеска во полуфиналната борба во категоријата до 60 килограми загуби од Чарли Кит од Англија со судиска одлука од 4-1.
И покрај поразот во полуфиналната борба, младиот македонски боксер имаше успешен настап на Европското првенство од кое се враќа со освоен бронзен медал.
На патот до европската бронза, Рустемовски во првото коло убедливо го совлада Белорусинот Јарослау Слијапец со максимални 5-0, додека во четвртфиналето беше поуспешен од Италијанецот Цезаре Спацијани со одлука на судиите од 4-1.
На Европското боксерско првенство до 17 години во Будва настапија уште тројца македонски претставници – Леона Фетај (-66 кг), Илир Селмани (-52 кг) и Иса Бајрам (-57 кг).




