Во Скопје успешно се одржа работилница за валидација на препораките за управување со пожари на ниво на предел, со цел зајакнување на институционалната координација и заштита на заедниците.

Во хотелот „Александар Палас“ во Скопје се одржа работилница за валидација на Мета-бриф документот за управување со пожари на ниво на предел (УПП), на која учествуваа претставници од повеќе од 25 институции, владини тела, агенции, научната заедница и практичари.

Преку конструктивна дискусија, учесниците ги разгледаа и валидираа препораките за подобрување на сите фази од циклусот на управување со пожари – од превенцијата и подготвеноста, преку реакцијата, до постпожарната обнова.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) е носител и партнер-институција во имплементацијата на програмските активности, со што се потврдува значењето на институционалната соработка во унапредувањето на системот за управување со пожари и заштитата на природните ресурси.

Овој процес претставува значаен чекор кон финализирање на Националните насоки за политики за управување со пожари на ниво на предел, со фокус на подобрување на институционалната координација и создавање поотпорни предели и заедници во Македонија.

Работилницата се организира во рамките на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан (LFMWB), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координирана од „Фармахем“.

За одржаниот состанок информираше Бојан Михајловски, Национален координатор за Програмата во Македонија, кој им се заблагодари на сите учесници за нивниот активен придонес и посветеност.

Со вклучување на институциите, експертите и практичарите, процесот има цел да придонесе кон поефикасен систем за управување со пожарите, поголема подготвеност за ризиците и подобра заштита на природата и локалните заедници.