Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд да ја разгледа неговата отфрлена тужба против Хилари Клинтон, неговата демократска противкандидатка на претседателските избори во 2016 година.
Во тужбата тој тврди дека таа, заедно со поранешниот директор на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми, учествувала во заговор за местење на изборите преку поврзување на неговата изборна кампања со Русија.
Републиканскиот претседател се обрати до највисоката судска инстанца откако федерален судија претходно ја отфрли тужбата и му наложи на Трамп и на неговиот правен тим да платат речиси еден милион долари казни поради, како што оцени судијата, бесмислена судска постапка. Одлуката за отфрлање на тужбата и за изречените санкции подоцна ја потврди и американскиот Апелациски суд.
Адвокатите на Трамп во поднесокот до Врховниот суд наведоа дека е потребно тој да го преиспита случајот за да се заштити институцијата Претседател. Тие истакнаа дека одлуките на пониските судови одразуваат „длабоко загрижувачки тренд во кој федералните судови користат санкции и закани со дисциплински мерки за да ги казнат претседателот и неговите адвокати поради легитимни правни ставови што судовите (погрешно) ги отфрлаат“.
Во 2022 година, откако ја напушти функцијата по поразот на изборите во 2020 година, Трамп ги тужеше Клинтон, Коми, поранешниот британски разузнавач Кристофер Стил, Националниот комитет на Демократската партија и низа други лица. Обемната тужба беше поднесена пред федералниот суд во Флорида.
Трамп тврдеше дека Клинтон, во периодот пред изборите во 2016 година, се здружила со своите сојузници за да го дискредитира преку „лажен наратив“ дека тој и неговиот изборен штаб тајно соработувале со Русија. Во обемната тужба, меѓу другото, беа изнесени и обвинувања за „рекетирање“ и „заговор за ширење штетни невистини“.
Трамп ја победи Клинтон на тие избори и го отслужи својот прв претседателски мандат од 2017 до 2021 година.
Американските власти ја обвинија Русија за мешање во изборите во 2016 година, а истрагата предводена од тогашниот директор на ФБИ, Роберт Мјулер, документираше бројни контакти меѓу членови на изборниот штаб на Трамп и руски оперативци кои се обидувале да влијаат врз изборите во негова корист. Трамп ги нарече тврдењата за руско мешање „измама“.
Американскиот окружен судија Доналд Мидлбрукс ја отфрли тужбата на Трамп против Клинтон, наведувајќи бројни недостатоци, меѓу кои и тоа дека Трамп предолго чекал за да поднесе некои од изнесените обвиненија. Судијата ја спореди тужбата со „политички манифест од 200 страници во кој ги изнесува своите поплаки против оние што му се спротивставувале“.
Мидлбрукс подоцна им наложи на Трамп и на неговата главна адвокатка во случајот, Алина Хаба, да платат речиси еден милион долари за надоместоци и трошоци. Санкциите беа изречени поради покренување постапка за која судијата оцени дека имала цел „нечесно да промовира политички наратив“. Судијата, исто така, ги критикуваше Трамп и неговите адвокати за „постојан образец на злоупотреба на судскиот систем“.
Мидлбрукс утврди дека во тужбата биле користени злонамерни тактики во судската постапка, дека таа содржела фактички тврдења за кои било „свесно утврдено дека се лажни“ и дека биле изнесени „неосновани“ правни теории.
Американскиот Апелациски суд за 11-тиот округ, со седиште во Атланта, во 2025 година ги потврди одлуките на судијата, вклучително и санкциите.
„Многу од правните аргументи на Трамп и Хаба навистина беа бесмислени“, наведе Апелацискиот суд за 11-тиот округ.
Министерството за правда на САД, за време на администрацијата на Трамп, минатата година поднесе обвинение против Коми, еден од неколкуте противници на претседателот против кои беа покренати кривични постапки. Тој беше обвинет за давање лажни изјави и попречување на работата на Конгресот, откако беше обвинет дека лажел за одобрување протекување информации во медиумите. Федерален судија подоцна го отфрли обвинението, утврдувајќи дека обвинителот кого Трамп лично го избрал да ја води постапката против Коми бил незаконски именуван.
фото: архива




