Во црквата „Св. Спас“ вечерва е отворена изложба посветена на 80-годишнината од пренесувањето на посмртните останки на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
На 12 паноа се пренесени дел од животот и делото на Делчев, неговите писма, како и преписките меѓу двете влади за пренесувањето на неговите посмртни останки од Софија во Скопје.
– Изложбата ја изработи Државниот архив на Македонија. Претставени се дел од неговиот живот и дело, неговата фамилија и се она што е необјавено за Гоце Делчев – неговите писма, преписите меѓу двете влади за неговото пренесување од Софија во Македонија и изложен е неговиот оргинален саркофаг во кој останките се пренесени од Софија во Македонија, изјави директорот на Конзерваторскиот центар Скопје Филип Даневски.

Изложбата ќе биде достапна за јавноста од вторник се додека дозволуваат временските услови во црквата Св. Спас.
На 10 октомври 1946 година посмртните останки на Гоце Делчев беа пренесени во црквата „Св. Спас“ во Скопје од Софија. Траорната церемонија на пренесување на коските на македонскиот великан во главниот град на тогаш Народна Република Македонија започнала на 7 октомври, а Македонците во знак на почит три дена пешки го носеле ковчегот од Софија до неговата крајна дестинација.
Со тоа бил исполнет заветот напишан на саркофагот Гоце да почива во главниот град на независна Македонија.
Фото: МИА














