Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари, продолжи да ја вжештува атмосферата во тимот со коментари за ѕвездата Еден Азар. Италијанецот јавно изјави дека ако Белгиецот повеќе не се во Челзи, тој е слободен да бара нов тим.
Интересот на Реал Мадрид за 28-годишниот играч не е тајна за никого, како и фактот што Азар ги отфрли последните неколку понуди од „сините“ да го продолжи договорот. На Островот се убедени дека ова е начин за да ја забрза неговата продажба во текот на летото кога ќе влезе во последната година од неговиот сегашен договор.
– Еден има 28 години. Ако сака да замине, тогаш тој мора да го направи тоа. Се разбира, се надевам дека ова нема да се случи. Се надевам дека ќе остане тука. Тој моментално има потенцијал да биде најсилниот играч во Европа, изјави Сари на прес-конференцијата пред денешниот натпревар против Борнемут во Премиер Лигата.
Од почетокот на сезоната Азар има 10 гола и 10 асистенции, што доведува до логичен заклучок дека сам го влече лондонскиот тим напред. Во натпревари кога тој не беше на теренот или играше слабо, тимот на Сари изгледаше сосема поинаку.
Неодамна, тренерот почна да го користи Азар како „лажна деветка“, откако Алваро Мората (веќе отстапен на Атлетико Мадрид) и Оливие Жиру, не се справија добро со задачата. Белгискиот репрезентативец очигледно имаше потешкотии да ја игра оваа улога, бидејќи остануваше многу изолиран од играта и тоа доведе до привлекувањето на Гонзало Игуаин од Јувентус на позајмица.