Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Не знам дали е пригодно, ама па и не ми баш гајле, на 11 Октомври да пишувам за Самуил и светиот Климент (сеедно што објавувам ден подоцна), но како што вели еден мој пријател, со прилично голема доза на иронија, се занимаваме се коски и тоа ти е.
Но, можеби токму денеска вреди да се пишува за тоа дека Македонија не е од 1944 година и дека македонскиот народ има свои корени, како и за односите на Македонија со соседните држави кои се упорни во тоа дека до 1944 година не немало. Инаку, Самуил, односно коските за кои велат дека се на Самуил, иако тие коски немаат врска со царот, како и черепот, главата на св. Климент, ќе ни беа предадени нам.
Вака, пораката е силна – вие сте одродени Бугари и нема што со вас пoвеќе да се разговара по тоа прашање. Се што останува е да спроведете тоа што потпишаа Заев, Никола Димитров и Бујар Османи и да се откажете самите од себе (кога ќе го премотаме „филмот“ наназад, посебно бедни во оваа приказна ми се оние кои наводно се некаква интелектуална величина, како Дескоска на пример, а кои учествуваа во таква влада, со такви мозочни грамади како погоре споменатите, но, што би рекле старите – здравје).
Но, во целата приказна има нешто покрупно. Знаат тие, соседите, дека ние нема да се откажеме. Еве, јас дури и да го сторам тоа, знам дека децата нема да тргнат по тој пат.
Отворете ги учебниците по географија, по македонски јазик и сл. за повисоките одделенија од основното образование и ќе видите дека секаде каде што е напишано новото име, тоа е пречкртано. Од самите деца кои имаат по 12, 13, 14 години. И вие на ним ќе има наложите дека предците не им биле Македонци?
Е, ама ако ние не можеме да им наложиме на децата, ако тоа го знаат и нашите љубими пријатели од надвор, зошто тогаш целата парада со Самуил и Климент?
Одговорот е многу едноставен. За да зајакне омразата меѓу Македонците и Бугарите. Сега, дури и да дојдат на власт тие што сакаат да ги внесат Бугарите во Уставот, а тоа да биде без никакви гаранции, едноставно нема да можат да го сторат тоа, зашто реакциите ќе бидат толку силни што народот ќе ги закачи на споменикот на Александар Македонски, се извинувам, на споменикот наречен Воин на коњ. И тоа е целта на парадата со Самуил и свети Климент. Идејата е Македонија да остане закована таму каде што е, со надеж дека таква, порано или подоцна, ќе се распадне и дека тогаш, кога нема да ја има државата Македонија, ќе ги снема и Македонците.
Како инаку да ја протолкувате еуфоријата во Бугарија од јавни личности, како на пример, новинарот Карбовски, при што ни порачуваат дека целата наша историја ќе ни ја спакуваат и пратат во едно обично мало плико. Толку ни била голема, што ќе ја собере во најобично плико. И знаете, едно е кога омразата се шири меѓу обичниот народ по социјални мрежи.
Секогаш ќе најдете такви и од едната и од другата страна. Од овде, оние чиј памет достигна до глупавоста за „две црвени“, па до другата која ни лепи некаква српска етикета или не знам што.
Ама кога ширењето на таа омраза ќе се издигне на повисоко ниво, до степен на бедна, некултурна, мизерна манифестација на најниски негативни чувства и страсти кон нас Македонците, од страна на јавни личности во Бугарија, тогаш јасно ви е дека тие не сакаат ништо друго освен да не видат, симболично кажано, со глогов колец во срцето. Тие нас не сметаат за непријатели кои треба да ги снема. И за тоа да се случи, треба да се мразиме што повеќе. А за да мразиме, едните ќе им ги дадат коските на Самуил, другите ќе ни праќаат историјата во обично плико. И потоа од овде почнуваат приказните за „Татарите“, за двете „червени“, па оттаму ни враќаат и… работата е завршена. Многу едноставно, нели?
И бадијала јас и вие сега некому да му објаснуваме дека тоа бугарско чувство кај нашите дедовци и прадедовци, ако постоело (еве да карикираме дека е така), не вредело ни пет пари кога така лесно се откажале од него. Едниот мој дедо е роден 1896 година. Значи, бил Бугарин, нели!? По таа логика, тој тоа бугарско чувство му го пренел на татко ми, а можел да ми го пренесе и мене бидејќи сум роден кога тој бил се уште жив. Ама не го сторил тоа. Зошто? Затоа што го немал.
Или мислите дека еден Павел Шатев, кој во 1903 не се плашел во Солун да го крене францускиот брод во воздух, имал страв од комунистите, па на сила учествувал на АСНОМ и, на 1 август 1944 година бил Бугарин, а потоа преку ноќ, веќе на 2 август 1944 во манастирот Прохор Пчински (кој им го подарил на Србите, Лазо?) станал Македонец?
Или Панко Брашнаров? Или Ќосето, кој по повлекувањето од комитлакот останал да живее во Бугарија и кој немал апсолутно никаква причина да му прати телеграма на Колишевски во која изразува надеж и желба за обединување, не на бугарскиот народ, туку на македонскиот народ. Мислите дека некој го присилил Ќосето? Дека некој можел да го уцени, уплаши, да го присили Ќосето, туку така, од Бугарин да стане Македонец? Ха, се шегувате, нели? Бистро, многу бистро, рамно на оние овде, атрофираните платеници, кои соработникот на Гоце го прогласуваа за монструм.
Но, како што реков, идејата е да снема било какво чувство на топлина меѓу Македонците и околните народи, а Македонија да биде претставена како фактор кој го дестабилизира овој дел од Балканот кој се уште е мошне битен за САД, а со тоа и за НАТО.
А, ако го дестабилизира регионот со тоа што создава чувство на омраза и нетрпеливост кај околните народи и држави, тогаш треба и да ја снема. И тоа е целата приказна околу нашата историја.
Затоа, во Бугарија е создадена еуфорија на победа, еуфорија која излегува надвор од здравиот разум и која е еднаква на еуфоријата и радоста на шарените кога Заев создаде влада. А, колку беше мудар, промислен и паметен потегот на шарените (без оглед на фрапантната забеганост на одредни тогашни функционери на кои, фала Богу, ни после тоа, ни денес, не им фали ништо, нели?), колку требаше да имате ум за да учествувате во таа операција, мислам дека не треба многу да објаснувам (е, таква е еуфоријата и во Бугарија и во околината, а колку е тоа мудро и паметно, јасно ви е, зар не?).
Впрочем, како беше она на женичката на „курлето“ Богоев после колапсот на референдумот од 30 септември 2018: „Името сега нека ви го плаќа сметките!“.
Е, сега, кога името е сменето, кој ви ги плаќа сметките?
А тие што мислат дека и после ова сепак треба да продолжиме по патот зацртан од Заев и компанијата, па како како некаков пример велат дека можат да ни послужат комисиите меѓу Германија и Франција и меѓу Германија и Полска, вршат само една голема пропаганда која нема врска со нашата реалност.
Затоа што во тие случаи, Германците не го оспоруваа постоењето на Французите и Полјаците и обратно, ниту тоа беше причина за Првата и Втората светска војна. Така што, пред да се зборува нешто, добро е барем малку да се прочитаат историските учебници, барем кога се во прашање Хитлер, царот Вилхем, а и некои поделикатни теми околу Адолф и слично, но и македонската историја. Која тежи неколку тона, ама ете, стигнавме до тоа дека ќе ни ја спакувале во плико.
Патем, ако во Македонија во 1941 живееле Бугари кои 1944 станале Македонци, тогаш против кого се бореле тие што основале одреди? Борбата не била антифашистичка, туку граѓанска? Дали тука лежи зајакот? Попат, да се амнестира улогата на царот Борис и целата бугарска држава како сојузник на најгрозоморниот лик во историјата на човештвото, па борбата, на пример, на одредот Гоце Делчев, кој е македонски одред, да не биде прикажувана како борба против фашизмот и нацизмот, туку како борба против своите браќа, инсиприрана од комунистичката идеологија!
Ама, повторно, ако толку било силно тоа бугарско чувство, како тогаш тие бугарски комунисти од Македонија, кои го основале одредот Гоце Делчев, се откажале од својот народ, од својат национална припадност? Не држи таа теза, нели, па тамам сто коски од Самуил да најдете во Грција и да ги дадете на Бугарија. Ама вистинските, не овие од некое дете.
А, реално гледано, обичниот Бугарин нема проблем со нас. Но, има други проблеми. На пример, со глобите за домашна испечена ракија, па ете, реагираше и великиот интелект Бојко Борисов кој изјави дека по победата на изборите ќе го сменат тој европски пропис инкорпориран во Бугарија кој го забранува домашното производство на ракија. „За едно шише ракија, илјада евра глоба“, вели Борисов. „Ако му најдат пет шишиња…, па луѓето ќе почнат да ги тепаат даночниците. Хумор и сатира“, додава Борисов.
И ние сега збруваме за лажните коските на Самуил? Опиум за народот, како што велеа комунистите за религијата. Но, за нас, прашање за тоа е дали ќе не има или не. Зашто тоа е нашиот Тројански коњ.




