Околу 300.000 вработени во јавниот сектор во Ирска денеска започнаа 24-часовен штрајк поради спорот со владата околу зголемувањето на платите. Во штрајкот учествуваат наставници, медицински сестри, лекари, државни службеници и други вработени во јавните служби, а станува збор за првиот масовен штрајк во ирскиот јавен сектор од 2009 година, пренесува Ројтерс.

Штрајкот предизвика сериозни нарушувања во функционирањето на јавните служби. Повеќето училишта, факултети и универзитети се затворени, илјадници болнички прегледи и планирани операции се откажани, а работата на судовите и државните институции е значително ограничена.

Затворена е и зградата на ирскиот парламент, а откажани се седниците на двата парламентарни дома и на парламентарните комисии.

Итните медицински служби продолжуваат да работат, вклучително и ургентните центри, итните онколошки третмани и дијализата, додека противпожарните и амбулантните служби работат со намален капацитет. Јавниот превоз главно функционира нормално.

Причина за штрајкот е неуспехот на синдикатите и владата да постигнат договор за условите под кои ќе започнат преговорите за ново зголемување на платите.

Претходниот договор за платите во јавниот сектор истече на крајот на јуни, а синдикатите бараат новите примања да го надминат растот на инфлацијата и да го надоместат падот на куповната моќ во изминатите години.

Тие инсистираат преговорите најпрво да се фокусираат на платите, а дури потоа на другите прашања, како продуктивноста и реформите во јавните служби.

Владата, пак, смета дека сите прашања треба да се разгледуваат заедно и дека синдикалните барања отстапуваат од досегашната практика на колективно договарање.

„Имаме млади наставници што не можат да си дозволат да ги поправат своите автомобили бидејќи немаат доволно пари. Имаме луѓе што патуваат по 100 километри до работа поради станбената криза“, изјави Мајкл Гилеспи, генерален секретар на Синдикатот на наставниците на Ирска.

Според него, вработените сметаат дека владата не ја зема доволно предвид кризата со трошоците за живот со која секојдневно се соочуваат.

Ирскиот министер за јавни расходи Џек Чемберс изјави дека е длабоко разочаран од одлуката на синдикатите да го продолжат штрајкот, и покрај владините обиди за постигнување договор.

Тој претходно предложи платите да се разгледуваат како приоритет, заедно со другите прашања, но синдикатите го отфрлија предлогот оценувајќи дека не претставува суштинска промена во владината позиција.

Во буџетот за 2027 година владата предвидела 1,2 милијарди евра за нов договор за платите во јавниот сектор.

Иако ирската економија и јавните финансии се меѓу најстабилните во Европа, високите трошоци за живот и станбената криза предизвикуваат сè поголемо незадоволство кај вработените.

Последниот голем штрајк во јавниот сектор се одржа во 2009 година, во екот на финансиската криза, кога владата воведе драстични намалувања на платите.

Синдикатите најавија нов штрајк на 21 октомври, доколку дотогаш не се постигне напредок во преговорите со владата.

Извор: МКД.мк