Фискалната дисциплина, ефикасното управување со јавните расходи и забрзувањето на структурните реформи се клучни за зачувување на економската стабилност и обезбедување одржлив раст во услови на зголемена глобална неизвесност. Глобалната економија и натаму покажува отпорност, но повторените економски шокови ги намалуваат расположливите фискални и енергетски резерви, а инфлациските притисоци остануваат предизвик за голем број земји. Во вакви услови внимателното водење на макроекономските политики е од суштинско значење за зачувување на ценовната стабилност и спречување на дополнително засилување на инфлацијата.

Ова беа клучните пораки на пленарната сесија од годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, на кои учествуваше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

На пленарната завршна сесија на годишните средби во Бангкок се обратија генералната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, претседателот на Групацијата на Светската банка, Аџај Банга, и претседателот на годишните средби и гувернер на Централната банка на Парагвај, Карлос Карваљо Спалдинг.

– Во услови на глобална неизвесност и повторени економски шокови, одговорното управување со јавните финансии е основа за стабилна економија. Нашиот фокус е на фискалната консолидација, поефикасно користење на јавните средства и спроведување структурни реформи, што ќе ја зголемат продуктивноста, ќе ги поттикнат инвестициите и ќе ја зајакнат конкурентноста на домашната економија. Целта е да обезбедиме одржлив раст и подобри перспективи за граѓаните и компаниите – порача министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во рамките на годишните средби, кои се одржуваа во Бангкок изминатата недела, министерката Димитриеска-Кочоска оствари средби со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, потпретседателот на ИФЦ за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора, и извршниот директор на Светската банка за Конституенцата, во која членува нашата земја, Јуџин Ругенат. На средбите беше истакната важноста на забрзувањето на реформите, реализацијата на стратешките инвестиции и поддршката на приватниот сектор како двигател на економскиот раст.

Министерката исто така оствари средби и со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменик-извршниот директор, Марникс ван Рај. Во фокусот на средбите беа фискалната консолидација на среден рок, одржувањето на фискалната дисциплина и спроведувањето реформи за зајакнување на отпорноста на јавните финансии, со истовремена поддршка на инвестициите и економскиот раст.

Учеството на годишните средби овозможува размена на мислења и искуства со претставници на меѓународните финансиски институции и носители на економските политики, како и согледување на глобалните економски трендови и нивното влијание врз националните економии.

Пораките од средбите ја потврдуваат важноста на доследни и одговорни економски политики, одржливи јавни финансии и континуирани реформи како основа за долгорочна стабилност, конкурентност и економски раст.

фото: Министерство за финансии