Американската сојузна држава Флорида издаде налог за апсење за поранешниот шеф на државата на Куба, Раул Кастро, поради фаталното соборување на два мали авиони управувани од кубанска организација во егзил во 1996 година.
– Она што се случи не беше несреќа, тоа беше убиство – изјави синоќа јавниот обвинител на Флорида, Џејмс Атмајер објавувајќи ги обвиненијата и налогот за апсење на државно ниво.
Во соборувањето загинаа четири лица, од кои тројца беа американски државјани. Авионите ѝ припаѓаа на непрофитната организација со седиште во Мајами, „Браќа за спасување“ (Hermanos al Rescate / Brothers to the Rescue). Во мај, американската влада веќе покрена сојузно обвинение против 95-годишниот Кастро.
– Овде, во сојузната држава Флорида, можеме да покренеме наши сопствени, посебни обвиненија – рече Атмајер на прес-конференција. Тој додаде дека народот на Мајами предолго чекал на правдата.
Помладиот брат на револуционерниот лидер Фидел Кастро (1926 – 2016) беше министер за одбрана на социјалистичката карипска држава кога авионите беа нападнати. Хавана тогаш тврдеше дека авионите влегле во кубанскиот воздушен простор. Меѓутоа, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство заклучи дека тие се наоѓале над меѓународни води.
Односите меѓу САД и Куба се затегнати со децении. Ситуацијата дополнително се влоши под претседателот на САД, Доналд Трамп, поради санкциите и нафтеното ембарго.
Раул Кастро служеше како министер за одбрана 50 години, а потоа ја предводеше земјата од 2006 до 2018 година. Неговите јавни појавувања во моментов се ретки.




