Соработката меѓу Иран и Русија никогаш во својата историја не била на толку високо ниво како што е сега, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, по разговорите во Техеран со неговиот руски колега, Сергеј Лавров.

Арагчи на платформата „Икс“ објави дека со Лавров водел правовремени разговори за регионалните и глобалните случувања, вклучително и за ситуацијата во Либан, Палестина, Украина и Јемен.

Тој наведе дека со шефот на руската дипломатија разговарал и за проширување на економската и нуклеарната соработка меѓу Иран и Русија.