Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Константиновскиот дворец во Санкт Петербург се сретна со специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, и разговараа за решавањето на конфликтот во Украина, односите меѓу Русија и САД и кризата во Иран, пренесуваат руските медиуми.

На почетокот од разговорот, Путин му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за вниманието што го посветува на решавањето на украинскиот конфликт и се заинтересира за резултатите од вчерашните консултации меѓу делегациите на САД, Украина и Европската Унија во Норвешка.

Виткоф му се заблагодари на Путин за ослободувањето на американскиот државјанин Стивен Хабард, а рускиот претседател изјави дека Хабард е на аеродромот Пулково.

Виткоф нагласи дека Русија и САД имаат перспективи за развој на економските односи по завршувањето на конфликтот во Украина.

Путин рече дека за време на нивниот последен разговор, Трамп ја нагласил потребата од прекин на конфликтот во Украина за да се спречат човечките загуби.

Рускиот претседател, исто така, истакна дека Москва е подготвена да разговара за обновување на економската соработка со Вашингтон.

Зборувајќи за ситуацијата во Иран, Путин рече дека е заинтересиран за проценките на моменталната криза и рече дека Русија е подготвена да помогне во нејзиното решавање.

На состанокот присуствуваат и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков и директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции и економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев.

Ова е деветта посета на Виткоф на Русија.

Овој пат, зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, не можеше да присуствува на состанокот поради болест.

Виткоф вчера во Осло се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и финскиот претседател Александар Стуб, додека Кушнер се приклучи на разговорот преку конференциска врска.

Стуб по консултациите изјави дека е постигнат напредок и дека се разработени одредени елементи во областа на безбедноста и економијата, кои Виткоф треба да ги презентира пред руското раководство.