Поддршката за лидерката на француската крајна десница, Марин Ле Пен, се зголемува по немирите во Франција, покажува истражување на јавното мислење објавено во весникот „Фигаро“.

Анкетата спроведена од француските институти ИФОП и „Фидусијал“, предвидува дуел меѓу Ле Пен и лидерот на радикалната левица, Жан-Лик Меланшон, во вториот круг од претседателските избори закажани за следната година. Според социолозите, кандидатот на десниот центар Едуар Филип, поранешен премиер за време на претседателскиот мандат на Емануел Макрон, нема да се пласира во вториот круг во ниту едно од разгледуваните сценарија.

Според анкетата, Ле Пен во првиот круг, би освоила од 34 до 38 отсто од гласовите, што е за еден до два процентни поена повеќе во споредба со претходното слично истражување. Меланшон е на второто место со поддршка од 15 до 20 отсто.

Едуар Филип би освоил најмногу 15 отсто, што е за три процентни поени помалку од претходната анкета. Друг поранешен премиер во времето на Макрон, центристот Габриел Атал, има поддршка од 13 отсто.

Поддршката за левичарот Рафаел Глуксман се движи меѓу 12 и 16 отсто, што значи дека тој би можел да се бори со Филип за третото место.

Во вториот круг, според анкетата, Ле Пен би ги победила сите потенцијални противници, освојувајќи меѓу 56 и 58 отсто од гласовите. Најголема разлика би имала во дуелот со Меланшон во кој, според истражувањето, би освоила 68 отсто од гласовите, наспроти неговите 32 отсто.

Истражувањето е спроведено од саботата до понеделникот, во време кога Франција беше зафатена од немири.

Предноста на Ле Пен е очекувана, наведува „Фигаро“, потсетувајќи дека социолозите предвидувале раст на нејзината поддршка поради нејзиното ветување за „мирна Франција“.

Слични резултати покажува и друго истражување од агенцијата Ифоп.

Во првиот круг Ле Пен би имала двојно подобар резултат од својот главен конкурент од левичарската партија Непокорена Франција Жан-Лик Меланшон, покажуваат резултати од анкета на институтот Ифоп објавени денеска.

Шест месеци пред првиот круг од изборите, Ле Пен би освоила меѓу 34 и 38 отсто од гласовите, пренесе БФМТВ.

Жан-Лик Меланшон со околу 20 отсто поддршка предничи во однос на Едуар Филип и Рафаел Гликсман, двајцата главни конкуренти во трката за влез во вториот круг. Кандидатот на социјалдемократската опција, Гликсман, ужива поддршка од околу 15 отсто од гласачите, додека Филип го поддржуваат меѓу 12 и 16 отсто од испитаниците.

Во вториот круг, Марин Ле Пен убедливо би победила во дуелот против кандидатот на Непокорена Франција со 68 отсто освоени гласови, покажува анкетата.

Меѓу останатите претседателски кандидати, претседателот на Републиканците Бруно Ретајо, би освоил меѓу пет и седум отсто од гласовите. Градоначалникот на Кан, Давид Лизнар, чија популарност расте во последните недели, има поддршка од околу седум отсто од гласачите. Екологистката Марин Тонделие, според резултатите од најновата анкета, би можела да освои меѓу 2,5 и три отсто од гласовите.