„За Бугарија во сигурни раце“, „За стабилна и сигурна Бугарија“, „Поинаков избор“, „Претседател на народот“, „Одговорност без оправдување“ – пораките од предизборните билборди се обидуваат да го привлечат вниманието на граѓаните во пресрет на утрешното гласање на претседателските избори во Бугарија.

Но, додека кандидатите испраќаат пораки за сигурност, стабилност и промена, дел од луѓето со кои разговаравме на софиските улици повеќе зборуваат за замор од избори и за потребата земјата конечно да добие политичка предвидливост.

Во центарот на Софија, предизборната кампања е видлива на големите булевари, крстосниците и покрај секојдневните маршрути на граѓаните. Лицата на кандидатите и кратките слогани се дел од градскиот пејзаж, покрај кој луѓето минуваат на пат кон работа, продавниците или кафулињата. За некои, изборите се повод за разговор и внимателно следење на политичките пораки, за други – тема од која претпочитаат да се дистанцираат.

„За Бугарија во сигурни раце“ е пораката на кандидатската двојка Илијана Јотова и Кирил Валчев, додека на билбордите на Андреј Ѓуров и Георги Кандев се истакнува пораката „За стабилна и сигурна Бугарија“. Костадин Костадинов и Петар Волгин настапуваат со слоганот „Поинаков избор“, Иван Христанов и Стојанка Черкезова со „Претседателот на народот“, а Ивајло Симеонов ја истакнува пораката „Одговорност без оправдување“.

Различни формулации, но во нив се повторуваат темите за сигурноста, стабилноста, одговорноста и потребата од поинаков политички пристап. Билбордите се еден од највидливите елементи на кампањата , но не откриваат сами по себе како граѓаните ги доживуваат ветувањата ниту дали тие ќе се претворат во доверба на утрешниот ден.

Во хотелското секојдневие, рецепционерот со кого разговаравме претпочита да остане настрана од политиката. Неговото внимание е насочено кон работата и обврските, без желба да навлегува во предизборните расправи. Додека кампањата се приближува кон својот крај, тој избира да се занимава со она што е непосредно пред него – работата што треба да ја заврши.

Поинаква перспектива има еден студент, кому му е доста од честите изборни циклуси и неизвесноста што ги придружува. Наместо да зборува за конкретни кандидати , тој се надева дека гласањето ќе биде чекор кон завршување на периодот на политички турбуленции.

„Смачено ми е од избори. Се надевам дека Бугарија ќе го заврши овој изборен циклус и конечно ќе се стабилизира“, вели студентот Симеон.

Тој изразува желба политичката енергија повторно да се насочи кон секојдневните прашања и иднината на земјата, наместо кон постојаното очекување на нови изборни пресметки.

Слична тема се отвори и во еден маркет во Софија. Додека чекавме ред на касата, двајца пензионери разговараа за претстојното гласање. Во нивниот разговор се провлекуваше ставот дека на Бугарија сега не и се потребни нови промени што би донеле дополнителна неизвесност, туку поголема стабилност и посигурна насока за иднината.

Тоа беше краток разговор во секојдневна ситуација, далеку од политичките говорници и предизборните собири. Но, токму во таквите моменти, меѓу пазарувањето и вообичаените обврски, изборите стануваат дел од личните размислувања за тоа каква земја сакаат граѓаните и колку се подготвени да прифатат промени.

Ден за размислување, без предизборни пораки

Во Бугарија денот пред изборите е познат како „ден за размислување“ – период во кој официјалната кампања веќе е завршена, а предизборната агитација е забранета. Но, пораките од кампањата и натаму се присутни во јавниот простор. За граѓаните останува да ги сведат ветувањата на сопствените очекувања и да одлучат кому да му ја доверат функцијата претседател.

За претседателските избори закажани за утре, 25 октомври, кампањата заврши на полноќ на 23 октомври, со што саботата е денот кога гласачите треба да ги средат своите размислувања пред да го дадат гласот. Забрането е и објавување изборни анкети во овој период, до завршувањето на гласањето.

На гласачкото ливче се регистрирани 27 кандидатски двојки – за претседател и заменик претседател.

Витоша во ритамот на секојдневието

На пешачката улица „Витоша“, една од препознатливите точки на софискиот градски живот, „денот за размислување“ може да се почувствува поинаку од политичката сцена што во изминатите недели беше исполнета со кампањски пораки. Луѓето минуваат покрај излозите, застануваат пред кафулињата, разговараат и продолжуваат кон своите секојдневни обврски. Градот не запира поради изборите, а политиката, иако присутна во јавниот простор преку билбордите, не е единствената тема на денот.

Кафулињата се полни, улиците раздвижени, есенски декорации со топли бои на сезоната му даваат посебен изглед на градот.

Софија не изгледа како град што застанал за да размислува за утрешното гласање. Напротив, животот тече со своето темпо – со кафе и разговори, прошетки и пазарување, со луѓе кои го користат слободниот ден за да поминат време во центарот. Изборите се присутни во јавниот простор преку билбордите и пораките на кандидатите, но на Витоша секојдневието засега го има својот главен збор.

Токму во тој контраст е и сликата на Софија во пресрет на изборите: политичката кампања е завршена, пораките се веќе испратени, а градот продолжува да живее. Зад привидно обичното саботно претпладне, сепак, остануваат очекувањата, дилемите и прашањето дали утрешното гласање ќе донесе поголема стабилност во земјата.

Пандорка АРСОВСКА ГАЦОВА за МИА