Македонската каратистка Камелија Недев го освои сребрениот медал и стана светски вицешампион во дисциплината кати поединечно, во кадетска конкуренција, на Светскиот шампионат во традиционално карате, кој се одржува во Копер, Словенија.
Во исклучително силна меѓународна конкуренција, Камелија оствари одличен настап и се пласираше во финалето, каде што се соочи со натпреварувачка од Романија. Двете финалистки добија ист број поени, но поради една повисока поединечна оценка на романската натпреварувачка, Камелија го освои второто место и сребрениот медал.
– И покрај тоа што остана чекор до светската титула, Камелија покажа висок технички квалитет, посветеност и борбеност, достоинствено претставувајќи ја Македонија на светската карате сцена. Овој резултат претставува значаен успех за македонското традиционално карате и уште една потврда за квалитетот на нашите млади спортисти, информираат од МТКФ.
На шампионатот учествуваат претставници од 58 држави, со околу 1.200 натпреварувачи.
Фото: МТКФ




