Вишиот покраински суд во Хамбург денеска одлучи да продолжи судењето против Украинецот Серхиј Кузњецов, обвинет дека го испланирал нападот врз руските гасоводи „Северен тек -1“ и „Северен тек-2“ на делниците кон Германија, отфрлајќи го барањето на одбраната за прекин на постапката, јави ДПА.
Одбраната на Кузњецов поднесе барање за отфрлање на случајот, тврдејќи дека овој поранешен украински офицер е обврзан со доверливост, поради што не му е дозволено да се советува со своите адвокати или да сведочи пред судот.
Во спротивно, тој би се соочил со тешки казни во Украина, наведе тимот на одбраната, пренесува германската агенција.
Вишиот покраински суд во Хамбург го отфрли овој аргумент.
„Според германскиот закон, обвинетиот не е ограничен во својата одбрана“, изјави судијата претседавач со процесот.
Одлуката на судот значи дека судењето, кое започна пред две недели, ќе продолжи веднаш, при што вештак од Сојузната криминалистичка полиција ќе даде исказ во врска со оштетувањата на гасоводот и причината за експлозиите, пренесува германската агенција.
На 26 септември 2022 година, на морското дно во Балтичкото Море, во близина на данскиот остров Борнхолм и на длабочина од околу 80 метри, експлодираа неколку експлозивни направи, при што сериозно беа оштетени двата гасовода „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“. Вкупно настанаа четири протекувања на три од четирите делници на гасоводите.
На Кузњецов (50) му се суди за, веројатно, најспектакуларниот чин на саботажа во повоената германска историја.
Обвинителите го товарат дека бил главниот организатор на уништувањето. Се тврди дека тој ги извршил експлозиите заедно со уште шест лица.
Обвиненијата вклучуваат и едно за сторени воени злосторства, бидејќи при нападот врз цивилни објекти биле користени забранети методи на војување. Кузњецов е обвинет и за предизвикување експлозија, уништување објекти и нарушување на јавната инфраструктура.
Пред нападот, „Северен тек “ транспортираше руски природен гас до Германија, додека „Северен тек 2“ сè уште не беше пуштен во употреба. Во месеците по целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година, додека тензиите со Европа ескалираа, Москва во повеќе наврати ги намалуваше или прекинуваше испораките на гас преку „Северен тек 1“, потсетува ДПА.




