Во говорот емитуван денеска, украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази стравување од можната прераспределба на сферите на влијание меѓу Русија, САД и Кина пред евентуалната средба меѓу лидерите на трите суперсили Доналд Трамп, Владимир Путин и Шји Џјинпинг, објавија француските меидуми.

Средбата меѓу рускиот, американскиот и кинескиот претседател би била прва од ваков вид, а во моментов се во тек подготовки за нејзино одржување кон средината на следниот месец на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), соопшти Москва.

Претседателот Трамп веќе ја изрази својата поддршка за настанот.

– Темите за кои Кина, Русија и САД би можеле да разговараат не се јасно дефинирани во оваа фаза. Навистина не сакаме оваа средба да се претвори во повторување на Конференцијата во Јалта со последователна прераспределба на сферите на влијание, рече Зеленски.

Конференцијата на Јалта, одржана во февруари 1945 година на Полуостровот Крим меѓу лидерите на САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз, имаше за цел да ги реструктуира меѓународните односи по Втората светска војна со прекројување на државните граници, што доведе до поделба на Европа на два политички табора. Таа останува во историјата како симбол за тоа како големите сили одлучуваат за судбината на помалите нации без нивно директно учество, забележуваат француските медиуми.

Русија веќе неколку години се обидува да изнуди глобален договор од САД за безбедносната архитектура во Европа и, пред сè, да го запре ширењето на НАТО кон исток кон границите на Русија, што Москва го смета за егзистенцијална закана.

– Мислам дека Русија сака овој состанок да се одржи повеќе од која било друга земја, нагласи Зеленски, повикувајќи да не ѝ се даде на Москва уште една голема дипломатска предност.

Дополнително, за ноември во Обединетите Арапски Емирати е закажан состанок меѓу украинските, американските и руските претставници за да се продолжат дипломатските напори за постигнување мир во Украина, кои се во застој од почетокот на оваа година.

– Многу би сакале нашиот состанок во Абу Даби да се одржи пред оној на маргините на АПЕК, рече украинскиот претседател.

Киев се надева пред сè дека ќе постигне поморски прекин на огнот за да ја обезбеди безбедноста на извозот на жито, што беше попречен од руските напади во Црното Море. Украинската страна, исто така, се стреми да постигне договор за прекин на огнот против енергетската инфраструктура пред почетокот на зимата.

Русија, од своја страна, одбива да ги прекине непријателствата пред да се склучи сеопфатен прекин на огнот.