Во услови на најголемата светска енергетска криза премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлацијата да се движи меѓу 3,5 и 4 отсто на крајот од годината. Тоа, според него, го покажуваат сите индикатори и за третиот квартал, кога инфлацијата е 2,5 отсто и е најниска во регионот, а и една од најниските во Европа, каде просекот е над 3 проценти за истиот период.

Одговарајќи на дополнително прашање на пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО – ДПМНЕ на собраниска седница посветена на пратеничките прашања, за споредба на економските параметри во земјава и регионот, Мицкоски појасни дена Македонија има најниска инфлација ако се анализираат Словенија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија и Турција.

Тој посочи дека кога била избрана оваа влада, затекнала катастрофална состојба од, како што рече, уништени институции, демотивирани вработени, проекти кои што биле до никаде, односно директно воделе во мртва улица, истрошен буџет, долгови акумулирани уште од времето на корона кризата, кога бил направен најголемиот долг кој сега се плаќа.

– И се тоа беше предизвик, но ние рековме нема да очајуваме, тоа е што е, довербата е добиена, состојбата не е нула, туку е многу под нулата. За жал, минатото било спој на неспособност и многу криминал и немање јасна стратегија и визија за иднината, а многу јасна стратегија и визија за самите себе, забележа Мицкоски.

Сегашната Влада, нагласи, почнала ги решава наследените проблеми со цел да не создава нови.

– И како резултат на таа работа ние доаѓаме до индикатори коишто охрабруваат во услови на најголемата енергетска криза која што човештвото ја памети, која што денеска се случува, која што не е ни споредлива со ниту една претходна, истакна Мицкоски.

Подвлече дека актуелната Влада враќа наследени долгови, најмногу од времето на короната кога, според него, се ограбувала државата и се поткупувале граѓаните.

– Е сега тие 10-11 отсто зголемен јавен долг од тогаш, денеска ние ги плаќаме, па така следната година треба да вратиме 2,3 милијарди евра, заеми од тогаш, еврообврзница, камати, да презапишеме записи дома и да го финансираме буџетскиот дефицит. А во 2028 треба да вратиме 2,7 милијарди евра. Значи за овие две години се 5 милијарди евра – долгови од порано, камати, да презапишеме државни записи и да платиме, истакна Мицкоски, додавајќи дека оваа година бил вратен и солидарниот данок.

Премиерот потсети на двоцифрените стапки на инфлација во 2022 година, кога, според него, тогашната власт ја убедувала јавноста дека 17-18 отсто годишна инфлација е последица на увезената инфлација.

– Иако во тој период просекот во Европа беше двојно помал од тој кај нас. Е сега ние имаме помал за 25% од тој што е просекот во Европа. Сега што ќе кажеме? Дали е увезена? Дали ние па извезуваме можеби во Европа инфлација? Се разбира не. Тоа е невозможно. Така што можело со добра, јасна, прецизна, продражавна политика, можело да се дојде до тие параметри. Економскиот раст во вториот квартал е 4,3%, во првиот 3,1 или просекот е 3,7%. Во 2024-та откако Државниот завод за статистика го објави ревидираниот, кој што е 3,5%, и 25-та кој што е исто така 3,5% првичниот, очекуваме оваа година во услови на најголемата светска енергетска криза да се движиме меѓу 3,5 и 4% на крајот од годината, бидејќи сите индикатори и за третиот квартал тоа го кажуваат, истакна Мицкоски.

Параметрите од туризмот, индустриското производство, инвестициите, градежништвото, странските инвестиции, според премиерот, покажувале дека и во третиот квартал може да имаме силен раст меѓу 3,5 и 4 отсто.

– Силен кога велам, споредено со просекот во Европа. Да, во 2005, 6, 7, 8 година ние имаме и пет, 5,5, 6% раст, но тогаш и во Европа е толку. Сега во услови кога во Европа имаме 1, 1,2, ние имаме 3,7, три пати поголем, бидејќи нашиот најголем трговски партнер е самата Европска Унија. Дали е тоа доволно? Не е. Дали тешко се живее? Да, тешко се живее. Не велам јас дека се живее лесно. Но дали се живее подобро од пред три години? Јас ви гарантирам и потпишувам дека се живее. Дали ако продолжиме со овие резултати како влада да испорачуваме и да решаваме проблеми кои што најголемиот дел ги наследивме од минатото ќе се живее за три години од денес подобро од денес? Јас ви гарантирам да, ќе се живее. И тоа е целта на оваа влада, подвлече Мицкоски.

Сепак, додаде, Македонија ќе има понизок стандард од Германија, но ако разликата била три пати, сега е два пати.

– Целта е да дојдеме до 1,5, 1,3, 1,2 и така да се доближуваме. Тоа се условите. И конечно на крај, Еуростат објавува статистика за 2025 година. Џин индексот во Македонија е најнизок што би значело најдобар во Балканот и еднаков на европскиот просек- потенцира Мицкоски.