Министерот за спорт, Борко Ристовски, гостуваше во емисијата „Спорт фокус“ на ТВ Телма во која се разговараше за работата на министерството во изминатите две и пол години, реализираните активности и проекти од спортската инфраструктура, како и за идните планови и цели во насока на создавање подобри услови за развој и унапредување на македонскиот спорт.
– Се трудиме сите оние градови коишто нешто значат и имаат историја во спортот, да ги вратиме во живот, затоа што навистина немаат никаква спортска инфраструктура. Основата на спортот и на спортските резултати, развојот на спортот и привлекување на дечиња да спортуваат е спортската инфраструктура. Ако немате соодветна спортска сала со регулирано греење и ладење, со чисти, нови соблекувални, не може да барате ниту развој на спортот, ниту резултати во професионалниот и во врвниот спорт, потенцираше Ристовски и нагласи дека токму затоа изградбата и реконструкцијата на спортската инфраструктура е една од основните заложби.
Министерството за спорт во изминатиот период веќе реализира или е во фаза на реализација на повеќе капитални проекти – изградени се нови атлетски патеки во Гевгелија и во Велес, реконструирани се спортските сали во Радовиш, во Ново Село и салата „Расадник“ во Скопје, во фаза на реконструкција е спортската сала во комплексот на УКИМ, почнува реконструкција на спортската сала „Македонија“ во Прилеп и на салата во Делчево, а отпочната е и постапката за изградба на три нови сали, две во Скопје и една во Крушево, додаде министерот.
Во делот на спортската инфраструктура, Министерството за спорт ги изгради шесте базени од затворен тип кои беа почнати од поранешната Агенција за млади и спорт, но со години беа оставени недовршени, а како посебно значаен проект се издвојува изградбата на затворениот базен во Охрид.
Ристовски информираше и за решавањето на проблемот со спортските објекти кои се земени под концесија на подолг период, но концесионерите не ги исполнуваат условите, а објектите не се во функција на спортот.
– Еден од тие проблеми беше и спортската сала „Македонија“ во Прилеп која што беше дадена под концесија, договорот со концесионерот е раскинат, ние комплетно ќе ја реконструираме салата и ќе ја дадеме на владение на Општина Прилеп. Нашата работа е до тука, понатаму обврските ги презема Општина Прилеп и тие се одговорни салата да се одржува, да се чува и да биде во функција, истакна Ристовски.
Министерот за спорт најави реконструкција и на лизгалиштето и базенот во спортскиот комплекс „Кале“ во Скопје каде исто така е раскинат договорот со концесионерот и тие објекти одново се вратени во надлежност на државата. Како едно од решенијата на проблемот со спортските капацитети, Министерството за спорт го иницираше и почна да го спроведува новиот модел на управување со спортските објекти со тоа што дел од нив ќе бидат предадени на националните спортски федерации. Тоа веќе е реализирано со базенот „Партизан“ во Карпош кој е предаден на Националаната пливачка федерација како и со спортската сала „Расадник“ која е предадена на Ракометната федерација на Македонија.
– Не го поддржувам тоа сите сали кои ги гради или ги реконструира Министерството за спорт, односно државата, да се даваат на приватници како што тоа било случај во минатото. Од тоа давање на спортските објекти под концесии на 20-30 години, гледаме во која ситуација се наоѓаме. Мојата намера е салите да се даваат на националните федерации зад кои стојат сериозни луѓе кои ќе можат да ги одржуваат и секој ќе си сноси одговорност за функционирањето на тие објекти, појасни Ристовски.
Во емисијата на ТВ Телма, се разговараше и за финансирањето во спортот, критериумите за распределба на државните средства за поддршка на спортот, како и за изготвувањето на новиот Закон за спорт и клучните промени што треба да се направат за напредок на спортот




