Царинската управа денеска соопшти дека во блиска иднина ќе потпише Меморандум за разбирање и соработка со Царинската и граничната служба на САД (CBP) потенцирајќи дека документот ќе биде од историска важност.
– Потпишувањето на Меморандумот ќе претставува значаен чекор кон унапредување на институционалната соработка, интензивирање на размената на информации во рамките на важечките законски овластувања, подобрување на проценката и управување со ризик, како и зајакнување на активностите за откривање и спречување на прекуграничниот криминал и нелегалната трговија – се нагласува во соопштението од Царинската управа.
Ова, како што се посочува, го најави директорот Бобан Николовски за време на неговиот официјален работен престој во Вашингтон, каде оствари посета на Националниот центар за таргетирање при Царинската и граничната служба на САД. Националниот центар има клучна улога во анализата на податоци, проценката на ризик и идентификувањето на потенцијалните закани поврзани со патниците и товарот.
– Нашата заедничка цел е јасна: побезбедни граници, поефикасни царински контроли и олеснување на легалната трговија. Преку силни меѓународни партнерства, современи методи за анализа на ризик и посветена институционална соработка, остануваме цврсто определени за модернизација на Царинската управа и зајакнување на нејзините оперативни капацитети, во интерес на нашата држава, економијата и безбедноста на граѓаните – вели Николовски од САД.





