Полицијата во Бангладеш употреби солзавец и палки за да ги растера насобраните демонстранти, на протестите на кои илјадници текстилни работници излегоа на улиците во главниот град Дака со барања за зголемување на платите.

Поради зголемените трошоци за живот синдикатите и текстилните работници бараат минималната месечна почетна плата да се зголеми на 30 илјади бангладешки таки (220 долари), од сегашните 12.500 таки, утврдени во 2023 година.

Во населбата Мирпур во Дака, неколку стотици работници утрово блокирале една од главните крстосници, предизвикувајќи целосен прекин на сообраќајот на првиот ден од работната недела.

Подоцна демонстрантите запалиле полициско комбе, по што полицијата одговорила со водени топови и шок-бомби.

Поради ширењето на судирите во околните подрачја, властите затвориле три метро-станици, изјави полицискиот инспектор Мохсин Шеик.

Демонстранти вооружени со стапови го блокирале автопатот што го поврзува главниот град со северните делови на земјата, во индустриската област Газипур, каде што се наоѓаат најголемиот дел од фабриките за текстил.

Владата денеска формираше шестчлена комисија, составена од претставници на сопствениците на фабриките, синдикатите и владата, која треба да ги ревидира минималните плати на работниците во текстилниот сектор.

Бангладеш, вториот најголем производител на облека во светот по Кина, годишно остварува околу 39 милијарди долари од извозот на текстилни производи, главно на европскиот и американскиот пазар.

Во тој сектор во околу четири илјади фабрики, работат повеќе од четири милиони луѓе, претежно жени.