Продолжување на притворот за 30 дена на предлог на обвинителството добија четворицата осомничени за разбојништвата со смртни последици во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, информираат од Кривичниот суд. Притворот бил побаран за да се оневозможи уништување докази, попречување на истрагата, бегство…

Претходно на осомничените за убиствата на повозрасните лица во Ѓорче Петров на два пати им беше продолжуван притоворот по 48-часа, поради сомнение дека се поврзани со убиствата на две лица во нивните домови.

Обвинителството продолжува со истрагата за двата случаи и со прибирање докази. Во тек се и ДНК-вештачења, чии резултати треба да бидат дел од доказниот материјал.

Во врска со случаите беа приведени А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58), сите од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица. Полицијата ги поврза со двата настана.

Првиот случај беше откриен на 22 октомври во скопската населба Хром, каде што во својот дом беше пронајден починат 62-годишниот С.Ј., со траги од насилство.

Неколку дена подоцна, на 27 октомври, во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ во Ѓорче Петров беше пронајдена почината и 76-годишната О.А., исто така со траги од насилство.