Бранителот на титулата Вардар 1961 синоќа на домашен терен во Скопје убедливо го совлада Еурофарм Пелистер со 31:23 во првото дерби меѓу двата големи ривали оваа сезона во македонската ракометна Суперлига

Натпреварот во исполнетиот СЦ „Јане Сандански“ се играше на почетокот гол за гол, кога голманот на Вардар, Валах, со две интервенции им овозможи на соиграчите преку контранапади да поведат со 5-2 во 10. минута.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Лино Червар, веднаш реагираше со тајмаут, по кој битолскиот суперлигаш ја смени стратегијата и продолжи со игра „7 на 6“ во нападот.

Вардар ја задржа предноста од три голови на полувремето, а почетните минути во вториот дел му припаднаа на битолскиот тим кој ја намали негативата на еден гол (16-15).

Сепак играта „7 на 6“ резултираше со доста грешки во нападот на Еурофарм Пелистер што избраниците на Иван Чупиќ немилосрдно ги казнуваа и со серија од 6-1 поведоа со 22-16.

Еурофарм Пелистер психолошки падна во играта, а Вардар со нова серија од 3-1 дојде и до највисоки + 8 голови разлика во 43. минута по што рутински го приведе дербито до самиот крај.

Љевар со седум и Да Силва со шест голови беа најефикасни во редовите на Вардар, додека капитенот Кузмановски со седум и Пешевски со четири голови беа најпрецизни во Еурофарм Пелистер.

Вардар е лидер на табелата со максимални девет победи, додека Еурофарм Пелистер го претрпе првиот пораз и остана третопласиран