Македонија активно се вклучи во новиот План за раст за Западен Балкан и ги засили напорите за реализација на четирите столба на планот: постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, суштински реформи и зголемена финансиска поддршка – се наведува во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјава, што официјално ќе биде претставен попладнево во Брисел.
Во документот се додава дека клучните реформи поврзани со ЕУ е неопходно да се спроведат.
– Македонија ја задржа целокупната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина, со што испрати силен сигнал за својот стратешки избор за пристапување кон ЕУ и се покажа како доверлив партнер – стои во извештајот.
Натаму, во документот се наведува дека земјава продолжила да работи на комплетирање на сите потребни документи за исполнување на критериумите за отворање на кластерот 1 („Основи на процесот на пристапување“), но се додава дека не бил постигнат напредок во однос на усвојувањето на релевантните уставни измени, наведено во Заклучоците на Советот од 2022 година.
– Македонија продолжи со спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, при што се состанаа и неколку заеднички тела предвидени со оваа спогодба. Меѓу нив беше и Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој одржа состанок во април 2026 година – првпат по 2021 година – стои во извештајот.
Натаму се наведува дека земјава одржала добри односи со другите земји опфатени во процесот на проширување и продолжила со своето учество во регионалните иницијативи.
– Постоечките билатерални договори со соседните земји треба да бидат спроведени со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор со Грција, како и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија – стои во документот.
Во извештајот се вели дека владината коалиција останува стабилна, додека напредок е постигнат во однос на реформите за локална самоуправа, иако се уште се очекува клучната легислатива.
Во однос на реформите во јавната администрација, во извештајот се нотира дека земјава е умерено подготвена во оваа област. Напредок е постигнат во проширување на опфатот на е-услуги и надградување на системот за електронско управување на документите.
– Во областа на правосудството и основните права, Македонија има умерено ниво на подготвеност во примена на аки-то (acquis) и во европските стандарди во оваа област. Во целост, наведува извештајот, напредокот во оваа област е ограничен. Земјата постигна напредок во развојот на патоказot за владеење на правото, со која се утврдуваат заложбите за наредните години во однос на понатамошното усогласување со правните текови на ЕУ и зајакнувањето на институционалните капацитети – стои во извештајот.
Документот наведува дека земјава не постигнала напредок во борбата против корупцијата.
– Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата и понатаму е распространета и претставува прашање од сериозна загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година во однос на кривичните дела злоупотреба на службената положба и криминално здружување не ги решаваат соодветно штетните ефекти од измените од 2023 година и придонесоа за правна несигурност – се вели во извештајот.
Во документот се истакнува дека Државната комисија за спречување на корупцијата треба да ја засили проактивната идентификација на потенцијални случаи на лошо постапување.
– Случаите на корупција на високо ниво и понатаму се соочуваат со одложувања и често застаруваат, што придонесува за перцепцијата на неказнивост – пишува во извештајот.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос попладнево го претставува Пакетот за проширување за 2026 година, во кој се содржани извештаите на Европската комисија за десет земји кандидати за членство во Европската Унија.
Пакетот, во кој Европската комисија ќе го оцени напредокот на секоја од земјите кандидати, најпрвин ќе им биде претставен на членовите на Комитетот за надворешни работи (AFET) при Европскиот парламент. Потоа постојаните известувачи на AFET ќе подготват посебни резолуции за секоја земја, во кои ќе бидат содржани ставовите и препораките на Европскиот парламент за нивниот пат кон членство во Унијата.
Утре, 5 ноември, Комитетот за надворешни работи (AFET), во соработка со Комитетот за буџетите (BUDG), ќе биде домаќин на петтиот дијалог за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, третиот дијалог за истиот инструмент за Молдавија и шестиот дијалог за Инструментот за Украина.




