Земјите членки на групацијата Квад – САД, Јапонија, Австралија и Индија – денеска започнаа заедничка поморска воена вежба насловена „Малабар“ во водите во близина на регионот Канто, во околината на Токио, соопштија јапонските поморски сили.

Во соопштението се наведува дека четирите земји настојуваат да ја зајакнат меѓусебната соработка преку заедничка обука која ќе трае до 12 ноември и ќе опфати вежби за реагирање на дејствија на подморници и поморски сили.

– Безбедносното опкружување во индо-пацифичкиот регион станува сè посложно. Соработката со земјите кои споделуваат исти вредности и интереси е поважна од кога било досега – изјави вицеадмиралот Кацуши Омачи, командант на јапонската флота, на церемонијата за отворање на вежбата одржана на носачот на хеликоптери „Исе“, закотвен во поморската база Јокосука.

На церемонијата по повод почетокот на вежбата присуствуваа околу 200 претставници од четирите земји членки на Квад. Поморската вежба „Малабар“ инаку беше започната во 1992 година како билатерална иницијатива на американската и индиската морнарица, додека јапонските поморски сили ѝ се приклучија во 2007 година.