Органско вино беше промовирано денеска во винаријата Попова кула во Демир Капија, винарницата доби сертификат за органско винско производство.

Перо Николов, претставник на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, рече дека му претставува особена чест и задоволство што денес има можност, во име на Министерството, да се обрати на настан посветен на една исклучително важна тема – органското производство на вино.

Тој рече дека земјава има долга и богата традиција во лозарството и производството на вино, нашите климатски услови, плодната почва, сончевите денови и долгогодишното искуство на нашите лозари претставуваат значајна основа за создавање вина со препознатлив квалитет и автентичен карактер.

Но, денес, истакна тој, не е доволно само да произведуваме квалитетно вино. Потребно е да произведуваме вино кое ќе одговори на современите барања на пазарот, на очекувањата на потрошувачите и на принципите на одржливо земјоделство.

Токму тука, додаде, органското производство добива особено значење.

Николов нагласи дека органското лозарство и производство на вино не претставуваат само промена на технологијата на производство. Тоа е стратешка определба за одговорно управување со природните ресурси, зачувување на биолошката разновидност, намалување на негативните влијанија врз животната средина и создавање производи со додадена вредност.

Притоа истакна дека во услови кога европските и светските пазари сè повеќе бараат органски и еколошки произведени производи, ова претставува сериозна можност за македонските лозари и винарии.

-Како Министерство, наша обврска е да создадеме услови за развој на овој сектор, преку соодветни мерки, финансиска поддршка, едукација и унапредување на институционалната соработка. Особено е важно да ги охрабриме производителите да направат чекор кон органското производство, да им помогнеме во процесот на сертификација и да им овозможиме полесен пристап до нови пазари – рече тој.

Притоа, додаде, мора да бидеме свесни дека преминот кон органско производство бара знаење, инвестиции, посветеност и континуирана работа. Затоа, рече, поддршката не треба да биде насочена само кон финансискиот аспект, туку и кон трансферот на знаење, примената на современи технологии и поврзувањето на производителите со научните и стручните институции.

-Нашата цел е создавање конкурентен и одржлив сектор, во кој лозарите ќе имаат сигурна перспектива, винариите ќе создаваат производи со повисока додадена вредност, а македонското вино ќе биде сè попрепознатливо на меѓународните пазари – истакна тој.

Притоа нагласи дека органското производство не треба да го гледаме само како тренд, туку како долгорочна развојна можност за македонското земјоделство.

-Министерството останува посветено на креирање политики кои ќе го поттикнуваат развојот на органското земјоделство, ќе ја зајакнуваат конкурентноста на домашните производители и ќе придонесуваат за подобра позиција на македонските производи на европските и светските пазари – рече Николов.

Јордан Трајков, извршен директор на винаријата, рече дека е ова посебен ден, по четири години напорна работа, да се добие овој сертификат како значајно достигнување.

– Сметам дека сите производители на земјоделски производи, треба да ги следат патеките на органското производство, затоа што тоа им го должиме, пред се на нашите деца. Ние и понатаму ќе продолжиме по овие стапки – истакна Трајков.

Овој сертификат, тој го посвети на неговата мајка која не е повеќе жива, а беше наставник по биологија и која генерации и генерации учеше, дека треба да се сака природата.

Григори Поповски, еден од акционерите во винаријата, го отвори настанот и посака тој да биде искористен помеѓу присутните, за размена на искуства, на знаења.

Горан Колев, претставник на Агенцијата што ги сертифицира органските производители, Процерт, појасни дека станува збор за сертификациско тело што е акредитирано од Институтот за акредитација и е овластено од Министерството за земјоделство за вршење стручна контрола и сертификација, дека работат согласно Законот за органско производство и релевантните правилници и листи на Министерството за земјоделство. Во оваа винарија биле присутни четири години, затоа што се работи тука за долгогодишен насад, лозови насади, каде што преодниот период трае три години. Тоа значи три години треба да се почитуваат правилата за органско производство, да се следат нели препораките и законските обврски.

-За после минувањето на тие три години, веќе четвртата година како чиста реколта се добива статус органско грозје безбедно. Ова е таа четврта година и веќе мислам дека се исплатија трудовите и маките низ кои што се помина за да се дојде до овој статус и овој сертификат, што мислам дека е едно признание за макотрпната работа и мислам дека ќе добие едно заслужно место некаде на полиците на компанијата. А исто така ќе служи како привлекувач или како мамец на туристите кои сакаат да пробаат нешто органско, нешто што е пред сè здраво за самите дегустатори на овој производ што ќе излезе нели од самото грозје, а исто така и не е мал бројот на тие кои што сакаат да пробаат нешто што е произведено на начин при што не биле загрозени вработените пред сè – истакна тој.

Значи, додаде, безбедноста на вработените луѓе кои го произвеле овој производ, затоа што при органското производство не се изложени на тие хемиски материи коишто се опасни по здравјето на луѓето, а исто така многу битно ова по ова производство, не врши притисок на животната средина.

-Ја поддржува животната средина и ја оставаа таква каква што сме ја наследиле. Затоа што, за разлика од конвенционалното производство, ова е фер производство што се труди на наредните генерации да им остави животна средина и почва, воздух и вода, што е, ако не почиста, барем понезагадена од она што сме го наследиле – рече Колев.

Енологот Невен Андонов рече пред присутните дека за производство на едно добро фино вино се потребни години наназад и години макотрпна работа.

– Пред сè едно вино да биде добро, фино, изработено, треба да има препознатливост и карактер. Токму органското производство е услов:за лозата да се развие, кореновиот систем да се развие добро, по слободен пат, при што на крајот ќе ни даде добра и одлична суровина – истакна Андонов.

Притоа појасни дека денеска се дегустираат вина работени по методологија на европскиот правилник за производство на органски вина. Две регионални сорти на вина, едно интернационално и автохтоната македонска сорта ,,станушина”, сите изработени по органска технологија. Или, како што рече, сите препознатливи, со карактер.