Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази надеж дека резултатите од меѓуизборите во САД ќе имаат позитивни последици за американскиот народ и за поширокиот регион околу Турција, а истовремено изрази подготвеност во блиска иднина да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, објави Си-Ен-Ен Турк.

– Се надевам дека резултатите од изборите ќе бидат од корист за американскиот народ. Исто така, се надевам дека тие ќе имаат позитивни последици за нашиот регион и за светската политика. Веројатно би било прерано во овој момент да се даваат конечни оценки – изјави Ердоган пред новинарите во владиниот авион со кој денеска се врати во Турција од Јужна Кореја.

Турскиот претседател исто така истакна дека „турско-американските односи имаат длабоки корени и се изградени врз цврсти темели“.

Нагласувајќи дека Турција и САД се „сојузници во НАТО со долгогодишни стратешки односи“, Ердоган изјави дека Анкара ќе продолжи да одржува тесен дијалог со американската администрација, како и со Претставничкиот дом и Сенатот, во согласност со своите цели за постигнување траен мир и стабилност во поширокиот регион.

На прашањето за тековните дипломатски напори на Турција за ставање крај на војната во Украина, Ердоган изјави дека Анкара ќе продолжи да прави сè што е во нејзина моќ за да го отвори патот кон мир меѓу двете земји. Притоа, тој изрази подготвеност во блиска иднина да одржи средба со рускиот претседател Владимир Путин.

– По нашата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на октомври, сега сакаме да се посветиме и на руската страна од прашањето, преку средба со Путин. За таа цел, моите соработници, особено министерот за надворешни работи Хакан Фидан, ќе одржат средби со своите руски колеги за да ја подготват руската страна за таква средба – додаде Ердоган.