Европската комисија денеска ѝ префрли на Украина 4,36 милијарди евра од заемот во вкупна вредност од 90 милијарди евра, со цел да се обезбеди непречено функционирање на државните институции, основни јавни услуги и воена опрема.

Од денеска исплатената сума, 3,7 милијарди евра се наменети за макрофинансиска помош, а 658 милиони евра за одбраната. Средствата ќе послужат за продолжување на функционирањето на државата и обезбедување основни јавни услуги, како и за набавка на основна воена опрема, се наведува во соопштението на Европската комисија.

Во него се посочува дека Украина досега веќе добила шест транши за подобрување на своите одбранбени капацитети, а со новите средства ќе бидат обезбедени беспилотни летала, ракети, радари, системи за електронско војување и муниција за противвоздушна одбрана.

До крајот на годинава се очекува Украина од Европската Унија да добие вкупно 25,2 милијарди евра, од кои 11,9 милијарди евра за одбраната и девет милијарди евра како буџетска помош.

Од почетокот на војната во 2022 година, ЕУ ѝ обезбедила на Украина вкупно 235,9 милијарди евра, вклучително и 3,8 милијарди евра од приходите остварени од замрзнатиот руски имот во ЕУ, се прецизира во соопштението.