Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, ја коментираше темата за Алта банка и случувањата во земјава, за што кажа дека Народната банка веќе најавила сет мерки и како независно регулаторно тело работи да го заштити интересот на граѓаните, додека како што вели, лидерот на СДС повторно се обидува да создаде паника од случување на домино ефект.

„Народната банка претставува една посебна независно регулаторно тело коешто практично е независно и така треба да биде третирано. Банкарскиот сектор исто така спаѓа во она што се нарекува стратешки сектор, економски сектор во државата и кога се пристапува во вакви кризи, треба да се пристапува многу внимателно, имајќи на ум неколку принципи, а тоа е заштита на депозитот и заштедата на граѓаните, меѓутоа и заштита на самиот банкарски сектор. Гледаме дека Народната банка како регулатор, настапува во моментот во насока на заштита на депозитите на граѓаните. Видовме мерки на прес-конференцијата денес во три насоки, зголемување нели на обемот, на местата за пристапност за подигање на готовина“, рече Лефков.

Лефков го посочи и односот на опозицијата и прес-конференциите на лидерот на СДС, каде тој се обидува да создаде паника и како што вели бомбастично најавува некој домино ефект, односно ефект на други банки, за што кажа дека не е точно.

„Апелирам дека политиката и прстите на политиката треба да бидат особено внимателни кога станува збор за банкарскиот сектор и не треба на овој начин да се обидуваат да креираат хистерија. Важно е институциите да го дадат својот одговор, а ние како Собрание на Комисијата за финансирање и буџет да се разгледаат сите оние аспекти во коишто институциите требало да постапат не постапиле или како постапувале“, истакна Лефков и додаде:

„Во дадениот момент се заштитуваат депозитите на граѓаните и се работи активно на мерки и начини за подигање на платите, социјалните придонеси, другите плаќање. Се настојува да се преброди ова и да не се создаде она што Венко го најави како домино ефект во другите банки. Важно е банкарскиот систем да биде стабилен и многу е важно неодговорни политичари да не постапуваат неодговорно, обидувајќи се да добијат некој политички поен“.