Поради верскиот празник Задушница, утре во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим со цел да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот при очекуваната зголемена фреквенција на возила и посетители околу градските гробишта.
Најголеми измени ќе има во близина на гробиштата Бутел, каде од 6 часот наутро ќе биде воспоставен еднонасочен кружен режим на движење.
Возилата ќе се движат по улицата „Бутелска“, потоа ќе продолжуваат лево по улицата „Александар Урдаревски“, повторно лево по „Боца Иванова“ и десно кон влезот на гробиштата.
За излез од комплексот, сообраќајот ќе се одвива по „Боца Иванова“ до кружниот тек со „Бутелска“, потоа по „Бутелска“ и со десно свртување по улицата „Кемал Сејфула“.
Посебен сообраќаен режим ќе биде воспоставен и кај гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да ги следат упатствата на полициските службеници и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација за да се избегнат застои и метежи.




