Министерството за образование и наука објави нов Конкурс за доделување 3000 студентски стипендии за студиската 2026/2027 година, со кој се воведува значајно унапредување на досегашниот модел на студентско стипендирање. МОН соопшти дека со новиот модел поинаков е пристапот во распределбата на државната поддршка.

Пристапот истовремено ја препознава социјалната ранливост, го вреднува академскиот успех и го поттикнува образованието на кадар во области од стратешко значење за државата. Во рамки на категоријата на 1.200 стипендии за социјална поддршка, првпат се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, со по 50 стипендии за секоја од овие категории. Министерството со ова прави значаен чекор кон поинклузивно образование и создавање еднакви можности за студентите, препознавајќи ги нивните специфични потреби и поддржувајќи го нивното право на образование и академски развој. Истовремено, се воведува нова категорија од 1050 стратешки стипендии, наменети за студенти кои се образуваат во области од особено значење за идниот развој на државата. Изборот на студиските програми е утврден со Одлука бр. 1410-183 од 3 ноември 2026 година на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, со која се определени студиските програми од стратешки интерес за државата. Станува збор за студиските програми по математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство. Целта е да се поттикнат младите да се определуваат за овие области и да се создава стручен када ршто ќе одговори на потребите на општеството и економијата, информира МОН.

Дополнително, се воведуваат и 750 стипендии за студенти што постигнуваат висок академски успех, односно имаат просечен успех од најмалку 8,50 и континуирано ги исполнуваат академските обврски.

На овој начин, Министерството дополнително го вреднува знаењето, посветеноста и трудот на студентите што постигнуваат особени резултати во текот на студирањето. Важна одлика на новиот модел е тоа што, и покрај воведувањето нови категории и поинаква распределба на средствата, вкупниот број стипендии останува непроменет – 3000. Промената не е во намалување на поддршката, туку во нејзино подобро насочување и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите, наведува МОН во соопштението.

За стратешките стипендии месечниот износ е 18.000 денари, а за социјалните стипендии и стипендиите за висок академски успех изнесува 6.050 денари. Стипендиите се исплаќаат во текот на девет месеци од студиската година.

Пријавувањето е исклучиво електронско, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во периодот од 6 до 20 ноември 2026 година.

 Министерството за образование и наука нагласува дека со овој конкурс поставува основа за посовремен и понасочен систем на студентско стипендирање, којшто им дава поддршка на оние на кои им е најпотребна, ги препознава и наградува академските достигнувања и инвестира во знаењата и компетенциите што ќе бидат важни за иднината на државата.

МОН известува дека во тек е и пријавувањето на  Конкурсот за доделување 15 стипендии за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик за студиската 2026/2027 година, распишан во согласност со Законот за употребата на македонскиот јазик.

Повеќе информации за овој конкурс се достапни на линкот: https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/stipendii-mon/stipendii-za-studii-po-makedonski-jazik-prv-ciklus

Исто така, во тек е и пријавувањето на Конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната/академската 2026/2027 година.