Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде Извештајот наЕвропската комисија за напредокот за 2026 година.
Соговорниците се согласија дека се постигнати очигледни конкретни резултати. Обајцата го поздравија препознавањето на државата како една од најуспешните во исполнувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан.
Амбасадорот Рокас укажа на идентификуваните слабости и на потребата од засилени реформи во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата.
Според Сиљановска-Давкова, зголеменото ниво на подготвеност во поглавјата 10 (Дигитална трансформација и медиуми) и 26 (Образование и културa), како и регистрираниот напредок во науката и истражувањето и заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, сведочат за манифестиран и докажан институционален капацитет на државата во исполнувањето на европските стандарди.
Таа очекува финализирањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, да донесат видливи промени и напредок во Кластерот „Основи “.
Во рамките на своите уставни надлежности, Сиљановска-Давкова истакна дека ќе продолжи да се однесува реформаторски, придонесувајќи за јакнењето на демократијата.
Претседателката потсети дека извештајот треба објективно да го прикажува реализирањето на Копенхашките критериуми, а не на наметнатите билатерални политички услови, спротивни на европските вредности и принципи утврдени во европските уставни акти.
За неа, нашето изоставување од групата на земји предводнички во процесот на проширувањето, не ја отсликува реалноста и испраќа негативни сигнали до македонската јавност.
Сиљановска-Давкова уште еднаш повика на еднаков третман на сите земји-кандидатки во пристапниот процес. Според неа, потребни се политичка волја и поактивен ангажман на европските институции и земјите-членки за деблокада на македонскиот пат кон ЕУ.




